Самурска шума: Единствената суптропска шума со лијани во Русија (ФОТО)

Зоркий/dzen.ru
Оваа суптропска џунгла со лијани и орхидеи е всушност остаток од стара реликтна шума која доминирала на Кавказот пред милиони години.

Дагестан е планинска република на рускиот Кавказ која привлекува туристи од целиот свет со своите величествени карпи и кањони. Но, на југоистокот на регионот, на границата со Азербејџан, се наоѓа едно уникатно место во Русија: вистинска џунгла со лијани и орхидеи.

Најсеверни тропи

Во делтата на реката Самур се наоѓа единствената шума со лијани во Русија. Иако е дел од Самурскиот национален парк, тешко може да се каже дека е место за опуштена прошетка. Тоа е густа, непроодна шума во која крошните на дрвјата го покриваат небото. Самурската шума е остаток од реликтниот шумски масив што го покривал Дагестан пред милиони години. Со други зборови, таа ги памети диносаурусите!

Овде владее суптропска клима како на бреговите на Црното Море, но џунглата ја има само на ова место. И тоа е најсеверната суптропска шума на планетата.

Џиновски чинари, кои обично растат во Азија или во јужните делови на Северна Америка, се издигаат и во Самурската шума. Во Дагестан, тие достигнуваат 50 метри во висина. Плутарите растат до 20 метри. А под нив на земјата се длабоки потоци кои ја напојуваат локалната флора и фауна.

„За нас, жителите на северните региони, ова и не е вистинска шума, не гледаме борови, само дабови, брестови и други дрвја, но затоа гледаме како растат лијани“, пишува Ана Ватолина. „Отсекогаш мислев дека лијаните се изданоци на дрвјата, но излегува дека тие растат независно од земјата и се закачуваат на гранките на соседните дрвја. Дури имавме можност да се занишаме на една таква лијана!“

„Неверојатно место! Вистинска џунгла!“ – пишува Алексеј Кузнецов. „Но треба да земете водич. Без него нема да видите ни една десетина од интересните места“.

Чинар стар 800 години

Кога ќе ја посетите Самурската шума, таа ќе ви изгледа како никогаш никој да не стапнал во неа. Всушност, не е лесно да се стигне таму (нема асфалтни патишта низ шумата, се разбира), но и понатаму е една од главните атракции во Дагестан. И се вбројува меѓу 100 најубави места во Русија!

А едно дрво е дури означено на мапите. Станува збор за повеќевековен чинар, едно од најстарите стебла во Русија. Според различни извори, џиновското дрво е старо 700-800 години, но сè уште е прилично младо. Таквите дрвја можат да живеат 1000 години и подолго. Потребни се околу петнаесет луѓе да се фатат за раце за да го прегрнат неговото стебло.

Диви орхидеи

Многу растенија и животни во оваа шума спаѓаат меѓу загрозените и ретки видови во Русија. Ретки птици доаѓаат овде да презимуваат, во мочуриштата цвета лотос, а во шумата може да се најдат еукалиптус и леблебија. Едно од најубавите места во Самурската шума е чистината со диви орхидеи. Во советско време, припаѓала на совхоз (вид државна фарма во Советскиот Сојуз). Било планирано тука да се одгледуваат лешници, но поради кризата предизвикана од распадот на СССР, земјата беше напуштена и ја презедоа дивите орхидеи. Дагестанските орхидеи се поситни од нивните азиски роднини, но не се ништо помалку убави, особено кога цветаат во пролет. Цвеќето, се разбира, не смее да се бере, може само да се набљудува и фотографира.

На брегот на реката Самур има и специјално уредени места за рекреација на отворено.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња