Зошто оваа чудна шума во Русија изгледа како да танцува?

Legion Media
На западот на Русија, помеѓу Балтичкото Море и заливот, растат дрвја чија необична форма стана мистерија за научниците и атракција за туристите.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Во мал дел од шумата, во должина од само 800 метри, растат искривени дрвја: нивните стебла се свиткани во кружни и спирални форми. И колку поблиску се доближувате до центарот на тој дел од шумата, толку понеобично се искривуваат дрвјата.

„Првите сто метри од патот шумата изгледа сосема обично. Како што пишуваат во романите, „ништо не се навестуваше...“... На почетокот ретко кој обрнува внимание на тоа дека боровите почнуваат да се искривуваат. Се појавуваат поединечни необични стебла, а потоа ги има сè повеќе... Некоја сила почнува да ги свиткува дрвјата. И колку подлабоко навлегувате во шумата, толку оваа чудна појава е позабележителна“, вели Виктор, кој на ова место дошол од Владивосток, откако поминал преку 10 илјади километри.

Поради оваа особина местото го добило името „танцувачка шума“. Се наоѓа на 37-от километар од Курскиот провлак, национален парк во Калининградската област, на само 14 километри од Литванија. Илјадници туристи доаѓаат овде секоја година.

Колку е стара оваа шума?

Шумата е всушност релативно млада. Овде растат само борови засадени на дината кон крајот на XIX – почетокот на XX век. Дрвјата требало да ја стабилизираат дината, која поради ветровите се расипувала и „мигрирала“.

Самиот Курски провлак е објект на природата на списокот на Светско наследство на УНЕСКО. Тоа е тесен појас на копно што од една страна го заплискува Балтичкото Море, а Курскиот залив од другата страна. На некои места поради ерозија од ветер неговата ширина достигнува минимални 400 метри.

За да се „зацврстат“ подвижните дини и да се запре процесот на исчезнување на копното, на ова место се засадени шуми. „Танцувачката шума“ е една од таквите вештачки креации. Само искривувањето на дрвјата е непланирана и досега необјаснета појава. После толку години сè уште нема едно општоприфатено објаснување.

Верзија со гасеници

Некои научници ја поврзуваат оваа аномалија со активноста на гасениците на молецот Rhyacionia buoliana. Гасениците се хранат со борови изданоци, јадејќи ги горните пупки, а во помала мера и страничните. Поради тоа, младото дрво почнува да расте од страничните изданоци и стеблото се деформира.

Овие гасеници се хранат токму со борови изданоци (најчесто со млади борови стари десетина години). Притоа се смета дека најоптимални услови за развој на штетниците даваат боровите кои растат на почва со недостаток на подземни води, сиромашни со хранливи материи. Токму такви услови преовладуваат на Курскиот провлак.

Но, објаснувањето за дејството на гасениците наидува на критика пред сé затоа што дрвјата се деформирале само во ограничен и прилично тесен појас.

Верзија со ветер   

Оваа верзија, меѓу другите, ја застапува и Балтичкиот федерален универзитет „Емануел Кант“, кој се наоѓа во непосредна близина на ова место. „На преминот од XIX во XX век луѓето почнаа да ги пошумуваат дините. Природните шуми кои порано растеа на провлакот дотогаш веќе беа исечени. Така што мештаните почнаа да садат дрвца на дините, пред се борови што не изискуваат многу“, изјави тогашниот декан на Биолошкиот факултет, доктор по биолошки науки Виктор Дедков. „Садеа четинари така што ќе ги премереа мали полиња, обележувајќи ги со забивање стапови и во центарот на секое поле ставаа семе. Ако погледнете внимателно, ќе видите дека боровите на провлакот растат на еднакво растојание“.

Но, ветровите дувале, младите дрвја ги покривал песок. Кога ветрот дувал во спротивна насока, борот се вртел на другата страна. Стеблото под песокот станувало дрвенесто. „Со текот на времето дините станаа пониски. Веројатно сте забележале дека сите искривувања се наоѓаат на 1,5-2 метри од земјата, бидејќи над тоа дрвото не можело да биде посипано од песокот и растело слободно“, вели Дедков.

На прашањето зошто тогаш не се искривиле сите борови, туку само дел од нив, Дедков одговара: „Станува збор за тоа дека „танцувачката шума“ ја сочинуваат бели борови. Во близина расте планински бор, донесен од јужна Европа. Очигледно најпрвин почнале да садат бели борови, но сфатиле дека тоа е неефикасно. И тогаш почнале да увезуваат планински бор од Карпатите, Алпите и Пиринеите. Тие се поприлагодливи“.

Мистична верзија

Отсекогаш имало многу поддржувачи на оваа теорија. Таа, меѓу другото, се споменува дури и на официјалната табла до влезот во „танцувачката шума“. „Постои уште една гледна точка: самата локација на која расте шумата има одредена енергетска сила која предизвикува нагла промена во насоката на растење на дрвјата“, се наведува на таблата.

Под „извесна енергетска сила“ се подразбираат и разни работи. Постои популарна верзија за дејство на геомагнетните сили. Или верзија дека во шумата имало место за молитва на паганите и дека таму се отвораат портали за други светови.

Интересот за мистицизмот го поттикнуваат и личните набљудувања на туристите, како што е ова, на пример: „Луѓето со паранормални способности, чувствувајќи силно енергетско поле, одбиваат да одат понатаму (во длабочината на шумата). До епицентарот стигнуваат само обичните луѓе. Некои од нив добиваат главоболка и чувствуваат умор, додека други се полнат со енергија“, вели Виктор.

Но, тајната на искривените дрвја не е единствената причина поради која луѓето го посетуваат ова место. „Ова е многу интересно место, водичите го претставуваат како мистично. Не знам ништо за тоа, но воздухот е многу влажен и мириса на борови дрвја“, пишува Анастасија од Москва. Дарија од Санкт Петербург се согласува: „Бевме рано наутро, атмосферата е невообичаена, а воздухот неверојатен! Необични дрвја, тишина... Прошетка и уживање. Ако навлезеш во длабочината на шумата, можеш да излезеш на брегот од каде што има прекрасен поглед на заливот“.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња