Рускеала - туристичка Мека на местото на мермерен кањон (ФОТОГРАФИИ)

Igor Tichonow / EyeEm/Getty Images
Во минатото на местото на планинскиот парк Рускеала се ископувал мермер, во кој два века по ред се „облекувале“ дворците и храмовите на Санкт Петербург. Мермер повеќе не се ископува овде, но ова сега е едно од најубавите места на северот на Русија.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

На станицата Сортавала одекнуваат звуците на блескавото ѕвоно - тргнува експресниот воз Сортавала-Рускеала. Неговото пристигнување се гледа оддалеку по густите облаци пареа. Котелот се ложи добро пред сигналот за поаѓање. Ова е единствената дневна линија на воз на парен погон во цела Русија.

Автентична облека во текот на промоцијата на „Рускеала експрес“.

До кањонот може да се стигне и побрзо (со сопствен автомобил, на пример), но патувањето со „луксузниот Чиро“ е незаборавно искуство. „Рускеала експрес“ е ретро воз со локомотива од унгарско производство од 1949 година и ентереиер на „Николаевски експрес“, брзиот воз на царска Русија што сообраќал на линијата Санкт Петербург - Москва. На подот има теписи, наместо седишта има меки зелени кревети, а домаќините на вагоните носат стара униформа со златен вез, сé во духот на царската доба.

Кога ќе одекне ѕвончето, возот тргнува и патува цел час низ северните карелиски предели до селото, кое според пописот од 2013 година имаше само 659 жители. Патува полека. Тие 30 километри ги поминува за еден час.

Малото село Рускеала во Карелија, на границата со Финска, би било целосно невидливо на мапата да не била една околност: во XVIII век Санкт Петербург се градел интензивно, така што мермерот бил многу баран бидејќи богатите велможи, како и царицата Екатерина II, граделе дворци токму од овој материјал. Тогаш царските неимари обрнале внимание на рускеалското наоѓалиште. Мермерот од овој мајдан бил со извонреден квалитет и имал четири бои: пепелесто-сива, сивозелена, бела со сиви и кафени жили и бело-сино-сива.

Уште една околност му одела од рака на ова село. Мајданот на мермер овде постоел уште пред геолошките истражувања. Кога Русија победила во Северната војна, ѝ ги одзела на Шведска и карелискиот брег на езерото Ладога заедно со мајданот кој Швеѓаните го користеле од крајот на XVII век. За волја на вистината, Русија не го експлоатирала ова наоѓалиште. Така, историјата на ова познато село во Русија фактички започнува во времето на Екатерина II.

На брегот на реката Русколка дошле мајстори-каменорезачи од Урал и почнале да вадат мермер. Најпрво го возеле на санки до пристаништето, а потоа со едрењаци преку езерото Ладога до главниот град. За половина век од мајданот биле извезени над 200000 тони мермер со кој е украсен Исакиевскиот храм, како и фасадата на Михајловскиот замок,  Мермерната палата, подовите на Казањскиот храм, прозорските штици на Ермитаж и други објекти во Санкт Петербург, Гатчина, Петерхоф и Царско Село.

Експлоатацијата почнала да опаѓа во XIX век, кога мермерот повеќе не бил во мода и наместо него сé повеќе се користел гранит. Покрај тоа, териториите во меѓувреме се прекројувале, па и ова село неколку пати ја менувало јурисдикцијата. Територијата на мајданот по револуцијата ѝ припаднала на независна Финска, потоа на Советскиот Сојуз, потоа во 1941 година повторно на Финска, за во 1944 година конечно да му припадне на СССР.

На овој мајдан до крајот на 1990-тите се вадеше вар и мермерен чакал, по што е проценето дека експлоатацијата на наоѓалиштето повеќе не се исплаќа. Оттогаш мајданот е под заштита на државата како објект на културното наследство и споменик на рударството.

Кањонот бил наполнет со вода уште во 1939 година, рударските окна сега се необични пештери, а мермерните карпи опкружени со планини и проѕирна вода се убавините на Карелија кои со задоволство ги посетуваат туристи од целата земја.

Индустрискиот парк „Рускеала“ се појави овде во 2005 година. Територијата на паркот е уредена, отворено е одморалиште и туристички центар, а најинтересните места се претворени во забавен парк.

Тука има и подземна туристичка рута долга еден километар. Повеќето рударски окна (хоризонтално навалени рударски јами со излез на површината) денес се под вода. Само едно е над нивото на водата и може да се посети. Низ потопените лавиринти на рударските окна се организираат нуркачки тури.

Се смета дека едно од најубавите места е мермерниот кањон. Долг е 460 метри, а на некои места широк 100 метри. Водата е толку проѕирна што низ неа се гледа сé до длабочина од 18 метри.

Кањонот може да се набљудува од брегот (насекаде наоколу има пешачка патека), а можете да се изнајми чамец и да се организира пловидба по езерото. За љубителите на екстремната забава има зиплајн и „слободен пад“, т.е. банџи скокови од карпа на кањонот висока 24 метри. Преку кањонот се протега висечки мост од јаже.

Паркот прима посетители во текот на целата година. Има туристи кои сметаат дека е убаво и кога ќе стегнат суровите северни мразови. „Бевме во зима, кога е најстудено. Температурата беше -26 Целзиусови степени. Но, тоа не го расипува впечатокот. Подземната Рускеала е место кое задолжително треба да се посети во текот на зимата. Зиме таму е неверојатно убаво. Природата ги создава своите ремек-дела во подземно езеро од ледени сталактити, сталагмити и сталагнити“, раскажува Кирил од Санкт Петербург. Зиме, за волја на вистината, не може долго да се биде надвор. На територијата на паркот има кафе-бар, како и продавница за сувенири, каде туристите можат да се загреат додека го чекаат „Рускеала експрес“.

Како да стигнете таму: Најлесен начин да стигнете од Санкт Петербург со јавен превоз е брзиот воз „Ласточка“, да се симнете во градот Сортавала и да се префрлите во ретро-возот што сообраќа до паркот.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња