Средина на летото. Жителите на Новосибирск ги полнат социјалните мрежи со своите фотографии покрај неверојатно убаво езеро. Девојките се сликаат во костими за капење (за тоа постои мал дрвен сплав на кој може да се легне), младите танцуваат, вљубените се држат за рака...
Езерото беше наречено „Руски Малдиви“ поради прекрасните нијанси на сина боја, кои, навистина, не се менуваат дури ни кога ќе се наоблачи небото. Сето тоа на Инстаграм изгледа прекрасно, но еве за што всушност станува збор.
„Му приоѓаш на езерото и во нос те удира мошне силен мирис на прашок за перење, на хемиски раствори. Кога се спушташ кон езерото мирисот го нема, но, секако, немаш ни желба да скокнеш во таква вода. Чувствуваш дека местото не е безбедно“, пишува локалниот новинар Михаил Решетников.
За езерото наскоро почнаа да зборуваат дека е отровно, смртоносно, па дури и дека е радиоактивно. На фотографиите наводно се гледа како билките што доаѓаат во допир со водата се сушат и умираат.
Да почнеме од тоа дека не станува збор за езеро – ниту природно, ниту вештачко. Јамата е ископана за потребите на термоелектраната, а во водата се сливаат сите нечистотии што се добиваат по согорувањето на јагленот.
Депонијата од пепел и шлака има добиено нереална боја поради повеќе фактори. Водата е полна со раствор на сол на калциум и оксид на различни метали, а се смета дека тоа е длабока депонија (1-2 метри). Да е плитко, тешко дека би ја имало истата боја.
„Тука се сини дури и галебите, но не знаеме дали водата ги има обоено птиците или е тоа само отсјај“.
Затоа езерото е многу посетено. Без оглед на тоа дека се зборува оти е радиоактивно.
До оваа водна депонија не е тешко да се стаса, оддалечена е само 10 минути возење од градот и приодот не е забранет со знак за предупредување. Во термоелектраната веројатно никој не ни можел да претпостави дека луѓето ќе почнат да доаѓаат на депонијата на излет.
Раководството на термоелектраната сега мора да реагира: „Шетањето покрај оваа депонија е исто како и шетање по воен полигон – опасно и непотребно. Контактот на кожата со ваквата вода може да предизвика алергија“.
Кога станува збор за радиоактивноста, тоа не е вистина, велат од компанијата СГК: „Депонијата од пепел не е отровна, тука не летаат сини галеби и не гинат билки. Радиоактивност не постои, а тоа го потврдуваат две независни лаборатории“:
Но, не треба ни да се капете во Руските Малдиви. Згора на тоа, човек сам не смее да влегува во вода. „Дното на езерото е жива кал, човек не е во состојба сам да се извлече од неа. Затоа ве молиме во желбата да го разубавите својот фотоалбум, да не паднете во длабока кал. Тука лежи и најголемата опасност“, велат од компанијата.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче