Ова прекрасно длабоко езеро со бистра сина вода, скриено меѓу врвовите на Кавказ, е обвиено со превезот на мистеријата. Во него нема риби и локалните жители го избегнуваат. Само по некој турист, научник или нуркач се дрзнува во него да се искапе.
Без оглед на временските услови, температурата во водата на езерото останува непроменета (9 степени според Целзиус) и, иако неговиот подземен извор на вода сè уште не е откриен, 70 милиони литри вода истекуваат од него секој ден (!) во облик на мала река.
Дознајте какви тајни крие ова необично езеро и дали луѓето имаат шанса да ги откријат!
Нижнее Голубое езеро (што значи „долно сино“) се наоѓа на 40 километри јужно од градот Наљчик, на надморска височина од 809 метри. Тоа е едно од петте крашки езера во Кабардибо-Балкарската република во Русија. Се смета дека настанало пред десет илјади години по разложувањето на варовничка карпа.
Ова животно езеро е речиси безживотно. На локалниот балкарски јазик се нарекува Церик-кјољ, што се преведува како „гнило“, укажувајќи на непријатниот мирис на водата која содржи водород-сулфид. Високата концентрација на водород-сулфид исто така на водата ѝ дава длабока сина воја и оневозможува живот на риба во езерото. Во него навистина живеат само водни ракчиња и алги.
Иако езерото не е особено големо (235 х 130 метри), подводниот свет во него го прави уникатно. Тоа не само што е најубавото, ами и најдлабокото руско крашко езеро, како и едно од 10 најдлабоко во земјата. Неговата длабочина со векови била тајна и локалните жители велат дека тоа „нема дно“. Дури во 2016 година една научна експедиција успеа да измери длабочина од 279 метри (21 метар подлабоко од претходните обиди). Тоа значи дека тоа е подлабоко од височината на главната зграда на Московскиот државен универзитет (МГУ) која е висока 182 метри или од три американски Статуи на слободата кога би се поставиле една на друга.
По 400 истражувања со помош на подводна опрема и робот на далечинско управување, научните тврдат дека подводните пештери во езерото досегаат и подлабоко. Но, видливоста во длабочините е мошне слаба, така што понатамошните истражувања се оставени за во иднина. Следниот тродимензионален приказ на езерото не направен врз основа на резултатите од експедицијата.
Научниците исто така веруваат дека езерото е старо околу 10.000 години и дека водата во него не доаѓа само од еден подводен извор, ами од неколку пукнатини покриени со камења кои се имаат урнато во него. Температурата на езерото е непроменета поради неговата голема длабочина. Имено, водата која постојано стасува од дното едноставно нема доволно време за да се загрее за време на долгото топло лето, ниту, пак, да се излади во текот на студената зима.
„Проблемот со истражувањето на ваков длабок воден басен, особено на надморска височина од 809 метри, лежи во тоа што е мошне тежок за нуркачите и е мошне скапо“, вели Сергеј Горпинук, инструктор по техника на нуркање. „Доколку сакаме да опишеме колку е тоа тешко, можеме да го споредиме со лет на Месечината! Кога лицето е во вселената разликата на надворешниот и на внатрешниот притисок е само 1 атмосфера. А, кога се нурка на длабочина од 200 метри, разликата е дури 20 атмосфери“, објаснува тој.
Научниците и нуркачите и пред 2016 година се обидуваа да ја истражат длабочината на езерото. Во 2012 година британскиот нуркач Мартин Робсон тргна во експедиција со својот тим, но обидот заврши трагично. Рускиот нуркач Андреј Родионов загина, а Робинсон мораше да помине низ одделението за реанимација откако се спушти на длабочина од 209 метри. Изнурка премногу брзо што предизвика декомпресиска болест. Во болницата во Сочи тој се бореше за живот 11 дена.
За езерото „без дно“ се врзуваат бројни легенди: од приказната за војската на Александар Велики која наводно во него се удавила, па до камионот со вино кој во триесеттите години од минатиот век паднал во него.
Најпопуларната легенда говори за змеј кој на ова место поразил еден локален јунак. Погоден со стрела, змејот паднал на планинскиот венец, а неговите солзи од болка го поплавиле околниот простор, создавајќи езеро. Некои на шега велат дека змејот можеби сè уште живее на дното од езерото и ги спречува научниците да ги откријат сите негови тајни. Кој знае, можеби во иднина ќе излезе дека ова е најдлабокото и најнеобичното езеро на светот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче