Како се урна авион во Сибир затоа што зад командите беше дете

Anynobody (CC BY-SA 3.0); Анатолий Кузярин/ТАСС
На 23 марта 1994 година Кузбас го потресе страшна трагедија: неколку километри од Междуреченск се урна Airbus А310-308, кој леташе од Москва за Хонкгонг. Сите 75 патници и членови на екипажот загинаа.

Лет според планот за летање

Сè се одвиваше како и обично. Авионот на летот SU593 на авиокомпанијата „РАЛ“ во состав на „Аерофлот“ полета од московскиот аеродром „Шереметјево“. Во авионот што го носеше името на композиторот Михаил Глинка се наоѓаа државјани на Русија, Кина, Хонг Конг, Тајван, Индија, САД и Велика Британија. Меѓу патниците беа и децата на резервниот капетан на авионот Јарослав Кудрински.

Летот се одвиваше без изненадувања. Неколку часа подоцна, кога авионот веќе беше на подрачјето на Новокузнецк, на децата им беше дозволено да влезат во пилотската кабина. Тринаесетгодишната Јана и петнаесетгодишниот Ељдар еден по друг седнаа на местото на капетанот. На прашањето на нејзиниот татко дали таа ќе го вози авионот, девојчето веднаш одговори дека нема. Кога ги здогледа светлата на градот низ прозорецот, таа побрза да ја напушти кабината. А нејзиниот постар брат малку посилно го притисна воланот. Поради ова, без да забележи екипажот, автопилотот се исклучи. Не се слушна звучен сигнал кој ќе покажеше дека нешто не е во ред. Ељдар набрзо забележа дека авионот силно се наведна надесно. Не сомневајќи се дека проблемот е технички, пилотите не можеа да разберат зошто авионот изгледаше како да се обидува да се подготви за слетување.

Вториот пилот се обиде да ја спаси ситуацијата, Кудрински ги даваше командите, Ељдар, сè уште седејќи на контролите, се обидуваше да постапи во согласност со нив. Поради преоптоварувањето не можеше веднаш да стане од седиштето и да му отстапи место на возрасен. Сè се случуваше со голема брзина, авионот забрзано губеше висина и паѓаше. А кога успеаја да го запрат паѓањето, пилотите не можеа веднаш да се ориентираат каде се наоѓаат.

Airbus А310-308 „Глинка“

„Врти налево! Налево! Налево! Еве ја земјата! Ељдар, кревај се! Кревај се! Кревај се! Кревај се, велам! Полн гас!“ - ова се практично последните зборови снимени во „црната кутија“ по несреќата.

Авионот „Глинка“ се заби во врвовите на дрвјата на рид во близина на планината Алатау кај Новокузнецк и падна. Беше целосно уништен, а пожарот ја доврши работата. Патниците и екипажот загинаа.

Блесок на небото

Веднаш се посомнева на најлошото. Имено, по Новокузнецк екипажот повеќе не се јавуваше. Ноќна патрола на сообраќајната полиција го забележа авионот во пламен кој прелета над градот. А малку подоцна во затворската колонија „Мал Мајзас“ забележаа блесок на небото и решија да се упатат во тој правец. Тоа беше тешко достапен терен: шума и мочурлив терен, а покрај тоа, беше зима во Западен Сибир. Просечната температура во тоа време беше -20 степени.

Спасувачите пристигнаа на местото на несреќата дури околу шест часот наутро. Она што го видоа ги потресе длабоко. Скршените, јагленосани остатоци од авионот беа покриени со снег натопен со авионско гориво. Скршени дрвја, делови од тела и предмети беа расфрлани насекаде. Остатоците од авионот продолжија да горат уште четири дена.

Последниот Глинка

Записите од „црните кутии“ беа дешифрирани во Франција, што овозможи да се реконструира текот на трагичните настани и да се разбере како вакво нешто може да се случи со еден од најбезбедните авиони. Истрагата за причините за несреќата траеше една година. Заклучокот гласеше дека причината е невнимание и сплет на несреќни околности: деца на кои не само што им било дозволено да влезат во кабината, туку и да седат зад командите, погрешни и неусогласени постапки на пилотите, невнимание поради кое никој не го забележал светлосниот сигнал што покажува дека автопилотот е исклучен, неподготвеност на екипажот да работи во екстремни ситуации.

Реконструкцијата на настаните покажа: во случај пилотите да не можеле да ја преземат контролата над авионот, автопилотот сам ќе го врател авионот во нормала.

Поминаа 30 години од несреќата. Во документацијата за авионот А310 стои предупредување дека во одредени околности автопилотот може да се исклучи. „Аерофлот“ никогаш повеќе на ниту еден авион не му го даде името Михаил Глинка.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња