Лариса Савицкаја, Русинката што преживеа пад од 5 километри височина

Sputnik; Alain Durand; Public domain
Пред 40 години еден воен и еден цивилен авион се судрија во воздухот. Несреќата ја преживеа само една 20-годишна девојка. За јавноста судирот на авионите беше тајна, а Лариса беше запишана во Гинисовата книга на рекорди како лице кое добило најмала компензација по пад на авион.

Пред 40 години спокојот на далекуисточното небо во близина на градот Завитински (800 километри североисточно од Владивосток) го наруши судир на два авиона. Тоа се случи на 24 август 1981 година. Бомбардер Ту-16К се судри со патнички авион Ан-25РВ, кој патуваше од Комсомољск на Амур (910 километри североисточно од Владивосток) до Благовешченск (860 километри северозападно од Владивосток). Воениот авион притоа вршеше метеоролошки извидувања.

Ту-16К

До судирот дојде поради неколку несреќни фактори. Секој од нив поединечно е незначаен, но сите заедно доведоа до катастрофа. Ту-16К беше само едно од бројните воени летала кои тој ден летаа над оваа територија. Неговите пилоти беа слабо информирани за другите авиони што се движат низ небото. Затоа на контролорите за сообраќај им рекле дека ја постигнале потребната височина, но всушност планирале да го сторат тоа подоцна. Капетаните на воените летови во тоа време не користеле радиодетектори, инаку ќе можеле да го лоцираат Ан-24РВ. Исто така, цивилните и воените сили не беа доволно координирани.

Ан-24РВ

Во 15 часот и 21 минута се судрија на висина од 5.200 метри. Ан-24 го изгуби горниот дел и крилото, пробивајќи го со своите пропелери трупот на Т-16К. Авионот се распадна на делови и се урна во тајгата.

Загинаа 37 луѓе: шестмина членови на екипажот на воениот авион, петмина членови на екипажот на Ан-24РВ и 26 патници (вклучувајќи и едно дете). Лариса Савицкаја, 20-годишна студентка, по некакво чудо ја преживеа несреќата.

Лариса Савицкаја

Осум минути слободен пад

Лариса Савицкаја се враќала од свадбено патување со својот сопруг Владимир. Биле на посета кај неговите роднини во Комсомољск на Амур. Тие притоа живееле и студирале во Благовешченск. Лариса добро ги паметеше сите патници и моментот кога влегле во авионот, но подоцна си споменуваше: „Бев толку изморена, што дури не се сеќавам ни како полетавме“. Авионот беше полупразен и стјуардесата на брачната двојка им понудила седишта напред, но тие решиле да седнат одзади, каде помалку се чувствуваат турбуленциите. Тоа е една од одлуките што на Лариса ѝ го спасија животот: „Кога авионот се распадна, седиштата на кои најпрво седевме се скршија и одлетаа со другиот дел на авионот, таму никој не би преживеал“.

Ја разбудил силен удар. Температурата од 25 степени во кабината одеднаш се сменила на минус триесет, кога се откинал горниот дел на авионот. Се слушале пискотници и воздухот кој шумел околу неа. Владимир загинал во моментот на ударот, а на Лариса ѝ се чинело дека и нејзиниот живот е завршен, зашто не можела ниту да вресне од тага или од болка.

Реконструкција на судирот

Во извесен момент паднала во преминот помеѓу редовите, но успеала да се врати во седиштето. Тука одненадеж се сетила на италијанскиот филм „Чуда се случуваат“ кој го имала гледано во кино со Владимир една година претходно. Во филмот станува збор за Џулијана Кепка, која преживеала пад од авион во шумите во Перу. Лариса се сеќаваше: „Имав само една мисла: како да умрам без мачење. Ги фатив рачките на седиштето и се обидов со сета сила да ги одвојам нозете од подот и да се склупчам“. Во филмот Џулијана го прави истото. За среќа, дел од опашката на Ан-24РВ со седиштето на Лариса паѓал полека без ненадејни кружења. Се сеќаваше дека не можела да види што се случува: „Облаците ми пролетуваа пред очите, потоа одеднаш дојде густа магла, па виењето на ветрот стана заглушувачко. Авионот не се запали. Одненадеж погледот ми беше исполнет со експлозија на зеленило. Тајга! Се стегнав и се обидов да си дојдам на себе“. Лариса повторно имала среќа. По осум минути слободен пад нејзиниот дел од авионот се спуштил на група еластични брези, поради што слетувањето било многу помеко одошто пад директно на земја или на четинари.

Три дена во тајгата

Прво што чула Лариса кога си дошла на себе било брмчењето на комарците околу неа. Поради шокот не можела да сфати колку е повредена. Имала повреди на ‘рбетот (за среќа, можела и понатаму да се движи), скршени ребра, рака и нога, потрес на мозокот и искршени заби, исто така чувствувала и некаква тапа болка низ целото тело. Лариса имала и низа халуцинации: „Ги отворам очите: небото ми е над главата, седам во седиштето и Володја е пред мене. Седи на подот на неуништениот дел од авионот, потпрен е на ѕидот. Изгледа како да ме гледа, но очите му се затворени. Како да се простува од мене. Мислам дека ако имал последна желба, посакал јас да преживеам“.

И покрај сите повреди, Лариса можела да оди. Вечерта почнал да паѓа дожд и таа пронашла дел од трупот на авионот под кој се скрила. Било страшно студено и таа ја користела преслеката од седиштето за да се згрее. Во текот на првата ноќ слушнала некаков рик во планината. Можеби била мечка, но Лариса била во премногу голем шок за да размислува за тоа. Се сеќаваше: „Слушав хеликоптери, најдов црвена прекривка од седиштето и почнав да мавтам. Ме видоа, но мислеа дека сум геолог. Нивниот камп се наоѓаше недалеку од местото“. Дури третиот ден се сетила дека Владимир имал кибрит и цигари во џебот од јакната.

Ископан гроб и мизерна компензација

Потрагата ја нашла Лариса како седи во седиштето и пуши. „Кога ме пронајдоа спасувачите не можеа ништо да изговорат од шок. Ги разбирав. По три дена поминати во симнување делови од тела дрвјата, одеднаш видоа жив човек“, се сеќаваше таа. Никој не можеше да поверува дека некој преживеал таков пад (тоа е всушност и причината поради која толку доцна ја пронашле). „Изгледав како чудо. Бев сосема сина со сребрен сјај. Бојата од авионот беше неверојатно леплива, мајка ми со месеци ми ја симнуваше. А, косата ми беше како големо парче стаклена волна од ветрот“. Кога стасале спасувачите, Лариса повеќе не можела да оди. Објаснуваше: „Што видов луѓе, ја изгубив силата“. Спасувачите мораа да исечат неколку брези со цел хеликоптерот да слета и единствената преживеана да ја пренесе во Завитинск. „Подоцна, во Завитинск, дознав дека за мене бил ископан гроб. Го ископале според списокот со патници“.

Лекувањето на Лариса беше тешко, но нејзиното тело успеа да закрепне. Беше кандидат за добивање статус на инвалид поради тешките повреди, но комисијата реши дека не се доволно тешки. Лариса исто така доби мошне мала компензација од само 75 рубли (околу 117 американски долари според тогашниот курс), додека просечната месечна плата во СССР во тоа време изнесуваше 178 рубли (околу 278 американски долари). Лариса Савицкаја е запишана во Гинисовата книга на рекорди како лице кое добило најмала компензација по пад на авион.

Лариса Савицкаја си синот, 1990 година.

За јавноста судирот на авионите беше тајна

Советските весници не објавија ништо во врска со несреќата. Со оглед на официјалните резултати од истрагата, властите проценија дека вината за судирот ја носат контролорите на летот и пилотите. Лариса Савицкаја го дозна ова дури во деведесеттите години од минатиот век. А, првиот текст во весниците се појави дури во 1985 година, во кој сепак не беше напишано за несреќата, ами за нејзиното преживување.

Лариса подоцна се пресели од Благовешченск во Москва. Многу ѝ беше тешко да живее во градот во кој сè ја потсетуваше на Владимир. Во престолнината се заинтересирала за психофизиологија. Дури и 40 години по несреќата признаваше дека се сеќава на сè и дека страда поради тие сеќавања. Истовремено веруваше дека „гром не удира во исто место два пати“, па не се плашеше од летање. Во 2020 година Лариса Савицкаја учествуваше во создавањето на филмот „Единствената“ на режисерот Дмитриј Суворов. Беше советник при пишувањето на сценаријата и работеше со актерите со цел филмот да биде колку што е можно поавтентичен.

Лариса Савицкаја вели: „Во мене и понатаму живее идејата дека е можно да се научи како да се преживее во таква ситуација“.

Лариса Савицкаја 40 години по авионската несреќа

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња