Последниот станар го напушти Кремљ во 1962 година и оттогаш во него нема станбен простор. А порано московската тврдина била густо населена. На територијата на Кремљ се наоѓале станбените одаи на царевите, патријарсите и болјарите од висок род. Подоцна царевите и болјарите биле заменети со императори и дворјани, а потоа со генералните секретари на Комунистичката партија и партиските функционери.
Претпоставен изглед на белокамениот кремљ на Димитриј Донској, крај на XIV век, А. М. Васнецов.
Public DomainПрвото утврдување на местото на денешниот Кремљ се појавило во 1156 година. Било изградено околу дворот на кнезот и куќите на најблиските соработници на московскиот кнез. Првите населби се наоѓале во близина на Боровицката капија. Обично дворот на кнезот се состоел од неколку одделни градби кои заедно се викале „хороми“ и речиси секој член на семејството на кнезот имал посебна одаја. Отпрвин сè било градено од дрво, а откако Димитриј Донској во XIV век подигнал ѕидини од бел камен, камени зданија почнале да се градат и внатре во Кремљ.
Коренитото преуредување на Кремљ почнало во 1482 година на иницијатива на Иван III. Оттогаш дворот на кнезот сé повеќе личел на вистинска раскошна резиденција. Кога рускиот император се оженил со Софија Палеолог, наследничката на последниот византиски император, Москва ги наследила обичаите, статусот и симболиката на Византија. Тој сојуз и новата улога на Москва го обврзувале царот да се погрижи за изградба на соодветна резиденција. Иван III ја обновил тврдината и изградил неколку храмови. Местото на дрвените станбени куќи постепено го заземале зданија од камен. Најпрво ги граделе болјарите, а подоцна Иван III ја иницирал и изградбата на првиот дворец од камен.
Теремниот дворец на Московскиот Кремљ, внатрешноста на палатата.
Kremlin.ru; Иван Шагин/МАММ / МДФ/Russia in photoТој прв камен дворец не е сочуван, но еден дел од него, таканаречената „половина на кнегињата“, послужил како темел за Теремниот дворец, кој и денес го краси архитектонскиот ансамбл на Кремљ. Теремниот дворец бил изграден за Михаил Фјодорович, првиот цар од родот на Романови. Тоа истовремено била и првата градба од камен во која живеело царското семејство. Направен е да изгледа како градба од дрво. Теремниот дворец сé до владеењето на Петар I служел како резиденција на руските цареви.
Покрај владетелите и нивните семејства, на територијата на Кремљ живееле и високи црковни великодостојници и болјари. По налог на патријархот Никон во 1653-1655 година бил изграден Патријаршискиот конак, каде што Никон примал посетители и живеел. Тој конак постои и денес. Покрај тоа, меѓу ѕидините на Кремљ се граделе и куќи на болјари од висок род. Најпознатата сочувана болјарска куќа е Потешниот дворец. Изградена е за болјарот Иљја Милославски, тестот на царот Алексеј Михајлович. Подоцна таму живееле и престојувале членовите на царското семејство, на пример императорката Елисавета Алексеевна, додека поголемиот дел од тие објекти бил предаден на колегиумите (министерствата), така што Кремљ набргу станал неподобен за живеење. Тука се префрлиле колегиумите со сите нивни чиновници, архиви и чувари. Управата на Ризницата, каде што се чувале царските вредни предмети, во 1727 година го напишала следново: „...секој измет и несоодветно ѓубре од нужниците, и од коњските стаи и робијашите во дрвени клади од Обербергамт што се чуваат овде, ја изложуваат царската ризница на голема опасност, бидејќи од тоа се крева смрдеа од која на златните и сребрените садови, и на другото што припаѓа на ризницата на Неговото Императорско Величество, може да се нанесе опасна штета, бидејќи од тоа може да поцрни...“
Потешниот дворец на Московскиот кремљ
A.Savin, WikiCommonsПокрај сето тоа, Кремљ го изгубил статусот на официјална резиденција кога Петар I во 1712 година го доделил тој статус на Санкт Петербург. Градот што го изградил царот бил поблиску до Европа и имал излез до морето, така што по морскиот пат странските гости можеле да стигнат до Русија побезбедно отколку по копнениот пат што водел до Москва.
Последниот станбен објект на територијата на Кремљ бил Големиот кремљовски дворец. Неговата изградба започнала во 1837 година по указот на Николај I, а завршила во 1849 година. Тоа и денес е главната резиденција на претседателот на Руската Федерација (со тоа што претседателот престојува во Ново Огарјово).
Конгресната палата
Pegushev (CC BY-SA 3.0)По преселувањето на престолнината, царското семејство живеело во Кремљ само за време на ретките посети на Москва, најчесто за време на крунисувањата. Остатокот од времето меѓу ѕидините на тврдината живеел командантот на Кремљ, како и чиновниците на неговата канцеларија со нивните семејства, монасите во манастирите на територијата на тврдината и слугите.
Станот на Ленин во Кремљ. Кујната.
Иван Шагин/МАММ / МДФ/Russia in photoВо март 1918 година болшевичката власт ѝ го врати на Москва статусот на главен град. На тоа му претходеше тајното префрлање на партискиот врв во старата престолнина. Болшевиците најпрво се сместија во московските хотели, а подоцна се преселија во Кремљ. Ленин лично пропиша таму да биде работното место на претставникот на владата. Станбените објекти беа приспособени на потребите на новите станари: „Во Коњаничкиот корпус, спроти Потешниот дворец, пред револуцијата живееја функционерите на Кремљ. Претходно командантот на тврдината го заземаше целото приземје. Неговиот стан сега е поделен на неколку делови. Ние бевме во соседниот ходник од станот на Ленин. Трпезаријата беше заедничка. [...] Музичкиот часовник на Спаската кула беше преправен и сега, наместо мелодијата „Боже, чувај ни го царот“, старите ѕвона полека и замислено на секои петнаесет минути ја интонираат „Интернационалата“, напиша Лав Троцки. Кон средината на летото 1918 година во Кремљ веќе имаше над 1.100 станари, а кон крајот на 1920 година, повеќе од 2.100 луѓе. Функционерите (сега советски) стануваа во Кремљ бесплатно. Обично станот имаше кабинет, трпезарија, библиотека и по една спална соба за секој член на семејството. Нами Микојан, сопруга на членот на Политбирото Анастас Микојан, го опиша животот во Кремљ вака: „Старите мермерни скалила беа покриени со црвен тепих со жолти рабови. Таквите „кремљовски“ патеки можеа да се видат само во зградите на владата... Се чинеше дека животот во Кремљ е целосно изолиран. Живеевме како на остров, со тоа што островот не беше егзотичен и раскошен. Порано тоа бил тивок затвор, ограден со ѕидини од црвена тула“.
Срушените грбови од зградата на Големиот кремљовски дворец, 1920, Виктор Була.
Public DomainПрестојувањето во Кремљ делумно беше предизвикано од недостатокот на станбен простор во Москва, но и прашањето на безбедноста беше исто толку важно: „Во Кремљ немаше никој никаде. На влезот во сводот на Боровицката капија (кај Камениот мост) стоеше стража... Во Кремљ без запирање влегуваа само членовите на Политбирото. Доколку во автомобилот имаше членови од семејството, дури и такви што живеат тука, возачот запираше од десната страна во близина на сводот, обезбедувањето ги проверуваше исправите, му телефонираше на постариот дежурен и дури по зеленото светло и ѕвоното автомобилот можеше да помине.[...] Членовите на семејствата кои живееја во Кремљ имаа посебни пропусници. Тоа беа мали книшки со боја на темна вишна, со фотографија и цело име, на хартија со втиснат грб и потпис на командантот на Кремљ. На корицата беа втиснати буквите „Кремљ“. Обезбедувањето го познаваше секого од нас, и секому му го знаеја името...“, напиша Нами Микојан. Сé до 1955 година музеите во Кремљ беа затворени за јавни посети.
Домот на кејот (денес Домот на владата на Руската Федерација)
Ludvig14 (CC BY-SA 4.0)Изградбата на познатиот Дом на кејот (денес Дом на Владата на Руската Федерација) за службениците на највисоките органи на власта е завршена во 1931 година. Наскоро во новата зграда беше преселен значителен дел од жителите на Кремљ. Процесот на вселување се одолговлече и траеше со години, така што последниот жител на Кремљ, еден од првите маршали на СССР Климент Ворошилов, ја напушти тврдината во 1962 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче