Древната московска тврдина, некогаш резиденција на руските цареви, сé до средината на минатиот век не опфаќаше само државни зданија, храмови и музеи. Во царско време царскиот двор не се протегал на големо подрачје. Поголемиот дел од Кремљ се состоел од прометни улици со приватни имоти на угледни болјари, дворови на занаетчии и свештеници и вообичаениот градски пејзаж.
За време на болшевиците ситуацијата не се промени сé до средината на 1960-тите. Во Кремљ, на ист начин, официјално живееја луѓе. Меѓу првите, по Револуцијата, тука пристигна Ленин, а по него во кремљовските станови се устремија и советските функционери со семејствата. Сите што не беа директно поврзани со советската номенклатура ги иселија, а на нивно место ги донесени „своите“. „Во Кремљ, како и во цела Москва, се водеше непрекината борба за станови кои ги немаше во доволен број“, пишува револуционерот Лав Троцки. На крајот, меѓу црвените ѕидини се вселија повеќе од две илјади луѓе.
На Кремљовските станови им одѕвони за време на Никита Хрушчов, кој во 1955 година забрани да се живее на територијата на тврдината. Последните жители се задржаа сé до 1961 година, по што таму веќе нема станови. Дали тоа значи дека никој не живее во Кремљ?
На просторот на Кремљ, во историската зграда на Арсеналот, се наоѓаат касарните на Претседателскиот полк, единствената воена единица која ја осигурува безбедноста на високите државни функционери и ги чува кремљовските скапоцености. Овие војници држат почесна стража на Гробот на незнајниот јунак и мавзолејот на Ленин и учествуваат во сите свечени церемонии. Тие се заштитниот знак на Кремљ, нивниот изглед е доведен до совршенство (дури и подготовката на обувките на Почесната стража се одвива во седум фази и трае речиси 24 часа).
Тие престојуваат и тренираат внатре во кремљовските ѕидини. Стануваат во шест часот наутро, се постројуваат и прават утринска гимнастика. „Правиме вежби, трчаме околу два километри. Тренираме на подрачјето на Кремљ, има посебно место за тоа“, вели војникот Николај Таров. Потоа има настава или строева обука. Слободното време е после 18 часот. Денот завршува со вечерна прошетка, но војниците и тогаш мораат да одат во строј. Повечерјето е во 22 часот.
Војник на Претседателскиот полк може сам да излезе надвор од ѕидините на Кремљ дури по четири месеци служба, под услов да ги положил испитите. Мобилните телефони се дозволени, но без користење на интернет и фотографија. Има посебно место за пушење, додека алкохолот е строго забранет.
Бројот на формацијата е воена тајна. Претседателскиот полк традиционално се смета за кадровска резерва на сите служби и единици на Федералната служба за обезбедување. Тие го чуваат, меѓу другото, претседателот и високите функционери.
Има и други чувари со служба и место на престојување во Кремљ. Тоа е бувот Фил и десетина јастреби. Тоа се специјално дресирани птици кои го штитат и културното наследство, но од друга чума, од враните кои од дамнина живеат на Боровицкиот рид.
Борбата против враните во Кремљ се води одамна. На почетокот не ги сакале поради суеверие, „црнилото“ што се надвива над Кремљ навестува војна или глад. Подоцна, борбата против враните почнала да се објаснува со попрактични аргументи: враните ги привлекува позлатата на куполите на храмовите, чии ливчиња се лупат.
Биле испробувани најразлични начини на борба. За времето на Ленин, птиците ги пукале со пушки, но тоа го попречувало главниот идеолог во неговата работа. Потоа се преминало на помалку крвав начин, озвучување со агресивни тонови. Ни тоа не функционирало. Потоа, во 1973 година основале орнитолошка служба во Кремљ и почнале да одгледуваат соколи. Како што се покажало, тие не биле најдобриот избор. Заменети се прво со јастреби, а потоа со бувови. Големите ушести бувови се природни непријатели на враните.
„Бувовите се активни во сите временски услови, и дење и ноќе, летаат бавно над јатата врани и ја фаќаат секоја птица до која ќе стигнат“, напоменуваат од Федералната служба за обезбедување.
Кремљовските птици живеат во Тајницката градина. Нивната главна задача не е да ги уништуваат враните, туку да ги растеруваат. И засега тоа функционира. Според вработените во Кремљ, враните почнале да го заобиколуваат Кремљ.
Претседателската резиденција, Ново Огарјово
Владимир Родионов, Сергей Величкин/TASSБез оглед на тоа што се работи за официјалната резиденција на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин не живее во Кремљ. Во историската зграда на московските оддели на Сенатот, изградена по наредба на Екатерина Велика, се наоѓа неговиот работен и свечен кабинет.
Путин живее во резиденцијата Ново Огарјево, имот од 19 век во Московската област, каде, меѓу другото, и работи. Прочитајте овде кои други резиденции му се достапни на рускиот претседател.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче