Луѓето во Перм се топли и секогаш отворени за да помогнат

Од лична архива
Александар Талески е Македонец кој во моментов се наоѓа во Перм на постдипломски студии. По образование е Русист, а со читателите на Russia Beyond-Македонија ги споделува своите искуства и впечатоци од животот во Русија.

1. Како се решивте да заминете во Перм, градот зад Урал, на магистерски студии?

Отсекогаш посакував да ја посетам Русија, а таа желба стана сѐ посилна откако започнав да студирам руски јазик и литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Благодарение на речиси три децениската соработка помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Пермскиот државен универзитет, пред сѐ во сферата на филологијата, во 2015 година се појави можност еден студент да биде стипендиран и да го продолжи своето образование токму во градот на Урал. Тој момент се совпадна со моето дипломирање на Катедрата за славистика при УКИМ и тогашниот ментор проф. д-р Красимира Илиевска ми предложи да аплицирам. Апликацијата беше прифатена од страна на Филолошкиот факултет при Пермскиот државен универзитет и така се случи постдипломските студии да ги продолжам во Русија.

2. Какви беа вашите први впечатоци од градот?

Првите впачатоци беа измешани. Пристигнав во Перм во септември и неколку дена времето беше врнежливо, па така му даваше на градот изразена неколоритна слика. Како човек од југ ми недостасуваа сончеви денови. Меѓутоа, мислам дека по една недела времето се подобри, а воедно ми се променија и првичните впечатоци за градот. Не беше тешко во првите прошетки да забележам дека Перм е еден од најзелените градови во Европа, со убави и пространи паркови и импресивна архитектура .

3. Имавте ли некакви проблеми на почетокот од вашиот престој во Перм и како ги решававте?

Се разбира. Како и секој новодојден каде и да било и јас се соочив со мали потешкотии во новата средина. Сепак, се сретнав со нов образовен, економски и социјален систем, на којшто мораше во најскоро време да се интегрирам. За среќа бев одлично примен од целиот колектив на Пермскиот државен универзитет, а особено од моите тогаш нови колеги и професори, кои несебично ми помогнаа побрзо да ги надминам сите административни и други тешкотии, коишто се појавија на почетокот на мојот престој. Како што одминуваше времето стануваше сѐ полесно. Тоа не значи дека немаше потешкотии, бидејќи како странец често се среќавам со нови, до тој момент непознати за мене, ситуации, но веќе искуството помага да се решат брзо и ефикасно. Впрочем, луѓето во Перм се топли и секогаш отворени за да помогнат.

4. Зошто се решивте вашите научни интереси да ги насочите кон русистиката?

Тука би издвоил три главни причини. Првата е мојот интерес кон славистиката воопшто, во чијашто структура влегува и русистиката. Како роден говорител на јазик од јужнословенската јазична група, а подоцна и познавач на јазик од западнословенската јазична група, имав потреба да го проширам своето знаење со еден јазик од источнословенската јазична група, па без да размислувам многу го избрав рускиот јазик. Втората причина е страста кон руската класична литература. Мислам дека секој вљубеник во руските класици би сакал да ги прочита истите на оригиналниот јазик на којшто се напишани. И како трета и последна причина би ја навел моменталната економска и политичка позиција на Русија во глобални рамки. Убеден бев и сѐ уште сум убеден дека Русија е перспективна земја којашто може само да напредува на секое поле.

5. Дали Државниот пермски универзитет ги исполни вашите очекувања?

Нема да биде погрешно ако кажам дека ги надмина моите очекувања бидејќи Пермскиот државен универзитет, несомнено, ми помогна да се издигнам интелектуално и професионално. На Катедрата за општа и применета лингвистика, чијшто студент бев, имав можност да се запознаам со голем број истражувања во областа на социо- и психолингвистиката, а исто така, зедов активно учество во дел од нив. Покрај тоа, уште на почетокот од моето студирање на истоимената катедра ми беше овозможено да се вработам како асистент и да ги пренесам своите знаења и искуства на студентите на додипломски студии.

6. Што значи да се живее зад Урал? Постои ли некаква разлика во поглед на културата и на животниот стил за разлика од престолнината?

Урал лично го доживувам како посебно и специфично место. Тоа е така од неколку причини. Пред сѐ тука би ја вклучил климата токму во регионот, којашто е прилично сурова, прекрасната природа на северен Урал, потоа разновидната архитектура во градот Перм и целиот Пермски крај кадешто сѐ уште често се среќаваат традиционалните дрвени руски куќи со рачно изрезбарени рамки на прозорците и на вратите. Исто така, за разлика од престолнината, тука може посилно да се почувствува рускиот дух, руската култура и руското гостопримство.

7. Кога би направиле паралела, кои се сличностите, а кои разликите помеѓу вашиот роден град во Македонија и Перм?

Искрено повеќе би можел да издвојам разлики отколку сличности. Сепак Перм со своите 1.100.000 жители за македонски услови е прилично голем град. За разлика од моите градови Битола и Крушево, коишто се значително помали и се од збиен тип, Перм се протега во должина од околу 70 километри покрај реката Кама и лесно може да се почувствува таа широчина на еден град. Кога веќе ја споменав реката Кама, може да се каже дека со својата големина во голема мера се разликува од реките во нашите градови. Од друга страна Перм е значително помлад град за разлика од нашите градови. Може да се издвои и тоа што во Перм се живее подинамично и стандардот е повисок за разлика од кај нас.

8. Доколку кај вас на посета дојдат гости од Македонија што би посакале да им покажете и зошто токму тие места?

Пермскиот крај и градот Перм нудат многу места, коишто се вредни да се доживеат. Од аспект на природните убавини и специфики, задолжително би ја посетиле Кунгурската ледена пештера, којашто е долга 5.5 км и е од огромно значење за светската спелеологија, потоа северот на Пермскиот крај, кој е богат со природни споменици, а во зависност од временските услови би можеле да направиме експедиција со сплавови по некои од многуте реки во областа. Исто така, убаво е да се посетат музејот под отворено небо „Хохловка“ и Белогорскиот манастир. Конкретно во градот има многу убави музеи, галерии и театри, коишто задолжително треба да се видат, да не го заборавиме и Пермскиот балет, којшто е еден од најдобрите во Русија, а ако се земе предвид дека Перм бил посетен од многу познати руски писатели и се нашол на страниците на некои нивни литературни дела како „Доктор Живаго“ од Пастернак и слично, тогаш би можело да се направи и литературна екскурзија.

9. Сте нашле ли некакво прибежиште, некое ваше посебно место во градот каде се чувствувате „свој на своето“?

Во мојата прва прошетка низ Перм прво место, коешто ми остави впечаток беше Пермската државна галерија. Галеријата се наоѓа на брегот на реката Кама и оттаму има прекрасен поглед на природата од другиот брег на реката и на самата река. Секогаш кога сум таму се чувствувам пријатно и можеби тоа е единственото место во Перм, коешто на некој начин е мое прибежиште.

10. Што е она што најмногу ви недостасува од Македонија?

Без сомнение на прво место е семејството. Исто така ми недостасуваат друштвото и дружењето на традиционалното утринско кафе на Широк сокак, сончевите и топли денови, македонската кујна и вино.

11. За време на вашиот престој одвојувате време и за патувања низ Русија. Кои места досега сте ги посетиле и какви впечатоци сте добиле од нив?

За мојот двегодишен престој во Русија посетив неколку градови како Москва, Санкт Петербург, Казањ, Екатеринбург, Омск, Новосибирск, Иркутск и други помали градчиња низ Пермскиот крај. Најголем впечаток ми остави патувањето по Трансибирската магистрала до Иркутск и Бајкалското езеро, најстарото езеро во светот. Иркутск го доживеав како компактен и не така голем град и тоа ми се допадна. Исто така, силен впечаток ми остави и престојот на островот Ољхон на Бајкалското езеро, кадешто ги видов најубавите залези на сонцето за овие 30 години. Искрено се надевам дека во иднина би се вратил таму повторно.

12. Какви се вашите планови за иднината кога станува збор за науката, но и за професионалниот избор?

Планирам да го продолжам своето образование на Пермскиот државен универзитет, а воедно и да ја продолжам соработката со мојот ментор доцент Наталија Бороникова. Сепак, мислам дека тука можам непречено да се саморазвивам и да напредувам во мојата сфера на интерес од лингвистиката. Покрај тоа, Пермскиот државен универзитет во моментов е мое официјално работно место и мислам дека така ќе биде и во блиска иднина.

13. Во Македонија има сѐ повеќе студенти кои се заинтересирани да го продолжат своето образование во Русија. Какви совети би им дале ним?

Да бидат храбри и уверени во себе и во тоа што вистински го сакаат. Студирањето во Русија е голем предизвик, но и голема одговорност и бара силна посветеност кон студиите. Од друга страна на крајот од образовниот процес во Русија кога ќе направат анализа на тоа што добиле на интелектуален план, никогаш нема да зажалат, бидејќи станува збор за квалитетно образование.

Прочитајте уште: Сакам сè што е поврзано со Македонија!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња