Руските и македонските научници се среќаваат во Перм

Извор: Руска реч на македонски

Извор: Руска реч на македонски

Вчера во попладневните часови во градот на Урал, Перм, започна VI меѓународна научна руско-македонска конференција. Домаќин на конференцијата е Пермскиот државен национален истражувачки универзитет.

Традиционалната руско-македонска научна конференција оваа година се одржува во градот Перм, а нејзин домаќин е Пермскиот државен национален истражувачки универзитет. Овој пат конференцијата има и свој наслов „Словенските јазици и култури во многујазичниот свет“. Според еден од организаторите на конференцијата Наталија Владимировна Бороникова, ваквиот пристап дава поголема можност за поинтересни теми. „Се обидовме програмата да ја направиме поширока, односно славистичката проблематика да ја разгледаме од различни аспекти: дијалогот на културите, актуелните проблеми на филологијата, истражувањето на јазиците на синхрониски и на дијахрониски план, контрастивно и типолошко проучување на јазиците и на дијалектите, проучување на уметничкиот и на фолклорниот словенски текст“, вели Бороникова.  

На Московскиот државен универзитет македонистиката како основна специјалност постои од 1975 година, благодарение на залагањето на Рина Усикова, водечки македонист во Русија, автор на граматики и речници на македонскиот јазик, објавени во Русија и во Македонија. Лингвистичките предмети ги предаваат Рина Усикова и Елена Верижникова. Македонската литература е во домен на академик Ала Шешкен. Од самите почетоци на македонистиката на „Ломоносов“ постои соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ кој испраќа своите лектори чија работа е од исклучително значење за стекнување на широки познавања од јазикот,  културата и животот на Македонија.

Во текот на 4 дена научниците од Русија и од Македонија, од кои најголем дел се филолози, со претставување на свои трудови ќе се потрудат да придонесат во развивањето и во продлабочувањето на научните врски помеѓу Русија и Македонија, кои имаат длабоки корени. 

Традицијата за организирање на заедничка руско-македонска конференција започна во 1995 година кога таа за првпат беше одржана во Охрид. Како основа за оваа иницијатива послужи договорот за соработка меѓу филолошките факултети на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" од Скопје и Универзитетот "М.В. Ломоносов" од Москва. Организатори на првата конференција беа проф. д-р Максим Каранфиловски и академик Рина Павловна Усикова со помош на организацискиот одбор. За значајноста на конференцијата зборува и фактот дека на неа присуствуваше и тогашниот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, како и тогашниот архиепископ Охридски и Македонски господин господин Михаил, додека со телеграма учесниците ги поздрави и министерот за култура на Руската Федерација во тој период Евгениј Сидоров. 

Оттогаш средбите на научниците, филолози, историчари, проучувачи на уметноста, се одржуваат наизменично во двете земји. Втората (1998) и четвртата (2008) конференција се одржаа во Москва на филолошкиот факултет на универзитетот „Ломоносов“, третата (2001) и петтата (2012) во Охрид.


Наталија Бороникова (десно) и Красимира Илиевска (десно). Фотографија: Руска реч на македонски

Годинава редот за одржување на руско-македонската конференција беше на руската страна, но сега таа се одржува во Перм, каде во последно време македонистиката успешно се развива. „Во изминативе години Перм стана значаен центар на македонистиката во Русија. Најголема заслуга за тоа има Наталија Бороникова, пасионарен македонист, научник, истражувач, професор,  координатор на шестата руско-македонска конференција. Во Перм веќе се одбранети неколку дисертации по македонистиката (првата – за членот во македонскиот јазик – од Наталија Бороникова), секоја година студентите пишуваат семинарски и дипломски работи, објавени се два прирачника за изучување на македонскиот јазик.  Македонистиката наоѓа поддршка и од ректорот на Пермскиот универзитет Игор Макарихин и деканот на филолошкиот факултет Борис Кондаков, кој го овозможи одржувањето на конференцијата“, вели Елена Верижникова од Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, која воедно е и член на организацискиот комитет. 

Руско-македонската конференција е поделена во пет секции, а секоја од нив е интересна на свој начин. „Според бројот на директни учесници, кои ќе бидат присутни, конференцијата е многу компактна. Имаме и многу реферати на учесници кои нема да бидат директни учесници, но затоа нивните трудови ќе се најдат во зборник. Исто така, за учесниците е организирана екскурзија низ историскиот центар, потоа во градот Кунгур и во Кунгурската ледена пештера, прошетка по етнографскиот музеј „Хохловка“. Се надевам дека ќе имаме плодотворна и интересна работа“, вели Наталија Бороникова од Пермскиот државен национален истражувачки универзитет. 

Организацискиот комитет верува дека VI руско-македонска конференција ќе биде интересна и оти ќе донесе големи резултати. „Претстојниот собир е повикан да стане дијалог на двете научни заедници, македонската и руската, како и смотра на руската македонистика. На него  ќе учествуваат филолози од Перм, Москва, Санкт Петербург, Саратов и од други градови, а, секако, и македонската делегација, предводена од шеф на катедрата за славистика на Филолошкиот факултет 'Блаже Конески' проф. д-р Красимира Илиевска“, ги споделува за „Руска реч на македонски“ своите очекувања Елена Владимировна Верижникова. 

Редакцијата на „Руска реч на македонски“ на учесниците на конференцијата им посакува успешна и плодотворна работа, со верба дека ваквите средби и контакти ќе придонесат за уште подобро разбирање помеѓу двата братски народи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња