Како изгледа Свијажск – градот-остров под заштита на УНЕСКО

Legion Media
Одбранбено утврдување, манастир, концентрационен логор, затвор на НКВД, психијатриска болница - сето тоа го преживеа малиот остров во близина на Казан, на кој се наоѓа стар град со огромен број споменици на руската историја на метар квадратен.

Денес малото село Свијажск на речиси совршено кружен остров мирно ги пречекува туристите. Нејзините манастирски ѕидини, средновековните улици, златните куполи и коњичкиот манеж доловуваат опкружување од руската древност (а многу објекти во него спаѓаат меѓу првите споменици на средновековната архитектура под заштита на УНЕСКО). Но, тоа не било отсекогаш така: денес, идиличниот Свијажск повеќе пати бил место на крвави и драматични историски настани.

Да почнеме од приказната за настанокот на Свијажск. Кон средината на XVI век царот Иван Грозни се обидел да ја освои престолнината на Казанскиот канат - градот Казан. Но, наидувал на тешкотии. Имено, на војската ѝ недостигала база за снабдување и складирање на храна, муниција и слично за да напредува. Островот на 30 километри од Казан меѓу реките Свијага, Шчука и Волга бил идеално место. Но, како да се изгради тврдина толку блиску до Татарите?

Тоа било направено на специфичен начин: најпрвин целата тврдина била изградена од балвани во градот Мишкин, потоа балваните биле нумерирани, тврдината расклопена и со доаѓањето на пролетта транспортирана со сплавови по Волга до островот. Само четири недели подоцна, во 1551 година, ненаселениот остров станал тврдина на Иван Грозни наречена Свијажск.

Тврдината (која по големина дури и го надминувала тогашниот московски Кремљ) целосно ја исполнила својата намена. Една година по нејзиното основање Казан бил освоен.

Првично во градот-тврдина имало 18 кули, станбени куќи и православен храм, но откако бил крунисан со војничка слава, Свијажск брзо станал центар на православието со голем број свети места.

Неколку години по основањето на градот се појавил Успенскиот манастир, а потоа и Успенската црква, која денес може да се пофали со единствената фреска со ликот на Свети Христофор со коњска глава (обично овој светец е прикажан со кучешка глава ). Од 1667 година сликите на светците со животински фигури биле забранети и уништувани, но оваа имала среќа: долго време моштите на првиот игумен на манастирот стоеле покрај ѕидот со фреската, а над нив се издигала структура со четири лаци на столбови. Таа ја криела фреската, која веќе била покриена со слоеви гареж.

До денес е зачуван и значителен дел други фрески и објекти. На островот има најмалку 37 споменици на културата, вклучувајќи два манастира (покрај Успенскиот, тука е и манастирот „Св. Јован Претеча“ од XVI век) и седум цркви. Од 1917 година целата површина на островот се наоѓа под заштита на УНЕСКО.

Покрај црквени, во градот имало и голем број световни објекти. Во 1781 година тука живееле околу 10.000 луѓе.

Вистина, повеќето градби од XIX век биле потопени за време на изградбата на вештачкото езеро или биле урнати. Денес на нивното место во Свијажск можете да видите дрвени паноа со приказ на исчезнатите објекти.

Она што исто така нé потсетува на тешките времиња се меморијалните објекти: „Ѕидот на комунарите“ и споменикот на жртвите на политичките репресии.

По револуцијата од 1917 година, Свијажск стана од „манастирски град“ (каква што имаше репутација) во место на репресии.

Тука биле протерувани и стрелани овде оние кои не го прифатиле новиот поредок, а почнувајќи од 1930-тите години во Свијажск бил основан поправен дом за малолетници, затвор на НКВД, а потоа и психијатриска болница. Споменикот на жртвите на политичките репресии беше подигнат откако беше откриен голема гробница: анализата на посмртните останки покажа дека дел од луѓето биле стрелани, а другиот дел умрел од глад во раните 1940-ти.

Денес туристи од цел свет го посетуваат ова место повеќе како етнографски комплекс, со намера да го доживеат духот на руската историја и средновековниот амбиент.

На територијата на островот има активна грнчарска работилница, ковачница, терен за стрелаштво со средновековно оружје. За децата има наменето работилници за занаетчиство каде што можат да научат како да обработуваат кожа или да направат свое парче керамика.

А главната атракција на островот денес е коњичкиот манеж со активна коњушница и терен за јавање.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња