Мистериозните зони на Урал

Фотографија: Сергеј и Елена Пешков

Фотографија: Сергеј и Елена Пешков

„Место за уфолози“ и „магнет за посетители од вселената“ – вака Урал, најстариот планински венец на светот го нарекуваат љубителите на мистериозните појави од целиот свет. „Руска реч“ ве води во Русија во која со векови царуваат НЛО, разни призраци, нејасни атмосферски, визуелни и звучни појави и уште многу други чудни работи...

Урал, најстариот планински венец на светот, е познат не само по својата уникатна природа како од сказните, која се простира на две илјади километри од север кон југ во самото срце на Русија, туку и по бројни зони во кои, како што тврдат многумина, се појавуваат НЛО, мистични појави и различни аномалии.

Нешто од историјата на мистичните појави 

Меѓу аномалните точки на Урал се вбројуваат над 50 места од Северен, Среден, Јужен, Супполарен и Поларен Урал. Според мислењето на уфолозите, на неверојатни појави можете да наидете не само во длабоко непроодните шуми и на скриени места, туку и недалеку од населените места, па дури и во нив. Познати се десетици, ако не и стотици, сведочења на очевидци кои тука виделе различни видови НЛО – со издолжен облик, во облик на пирамида, на сфера или на диск. 

Првата „средба со посетителите од вселената“ која се наведува во историските хроники е забележана на Урал уште во 18 век, кога тука започнал активен развој на металургијата. До наши денови останати се сведочења за необични огнени топки кои кај работниците предизвикувале паника. 

Некои извори, повикувајќи се на архива на Комисијата за метеорити на Академијата на науки на СССР зборуваат за тоа дека локалното население во 1927 година било сведок на експлозија на НЛО со издолжен облик на Урал во близина на градот Карпинск. 

Најмногу тајни се однесуваат на најголемата несреќа со НЛО во СССР која се случи во 1980 година во Верхотурскиот реон на Свердловската област, меѓу населбите Лиханово, Глазуновка, Косолманка и Карелино. Наводно доцна навечер три-четири неидентификувани летачки објекти биле погодени со средства на противвоздушната одбрана. Неколку ракети соборија огромен дискоид со пречник од околу 26 метри и висина од околу 5 метри. Во него се пронајдени две тела на џуџести живи суштества. 

Според податоците на пермските уфолози, на северот од Пермската област, на повеќе од 100 километри од Перм, во 1989 година на еден мочуриштен терен на воен полигон се урнал НЛО во облик на диск, кој личел на огромна печурка со пречник од околу 12 метри. 

За овие настани постојат многу малку информации, тие се држат во тајност и се пренесуваат како гласови, хипотези и како претпоставки. Ќе ви претставиме неколку најпознати аномални зони на Урал.

Мољопски триаголник 


Извор: Press Photo

Минаа 30 години откако беше откриена најпознатата аномална зона во Русија. Таа се наоѓа на границата на Пермскиот крај и Свердловската област и се нарекува сосема обично „Пермска аномална зона“ или „Мољопски триаголник“. Зоната се наоѓа на околу 10 километри од селото Мољопка, кое е основано во 1787 година. Тоа е зафрлено, непристапно место кај устието на реката Мољопка во Силва. Површината на зоната на која се случуваат необични појави изнесува околу 70 квадратни километри. Главно тоа е густа непроодна шума. 

Мољопка стана широко позната откако во октомври 1983 година пермскиот геолог Емил Бачурин видел светлина над шумата и кружна трага на изорано поле со пречник од 62 метри. Ова место и претходно го биеше лош глас. Постојат податоци дека уште во триесеттите години од XIX век селаните опишувале различни летала што се појавиле над Мољопка. А, искусните ловци понекогаш со недели талкале изгубени на мал простор со површина од 7 на 7 километри. 

Привиденија од минатото или од иднината, аномалии утврдени со радиостезиски метод, разнобојни блесоци, молњи во боја, летачки светлосни објекти, гласови од непознато потекло, свиркања, древно хорско пеење, неправилно работење на фото и на видеотехника, промени во временскиот тек, чувство на присуство на нешто непознато, главоболки, нагло покачување на телесната температура, чувство на ужас... – ова е само дел од списокот на сите „убавини“ кои, според сведоштвата на очевидците, може да се очекуваат во овој необичен „резерват на НЛО“. 

Научниците се обидуваа да дадат рационално објаснување на феноменот на Мољопка. Според нивно мислење, магнетното поле во оваа област влијае на движењето на реката Силва, која го опкружува таинствениот триаголник од сите страни. Но, како да се објаснат неидентификуваните летачки објекти кои луѓето и понатаму ги забележуваат на ова место? 

Во Мољопка меѓу локалните жители може лесно да се најде водич кој на секој што ќе посака ќе му ги покажат најзначајните места: Полјаната на ужасот, Аномалијата на пирамидата, Вештерските кругови, Астралната полјана, Телефонската говорница (каде телефонска врска постои само на површина од 4 квадратни метри), Салашот на мртвите, Терасата на негативните емоции, Змискиот рид (најубавото место од кое се гледа зоната на аномалиите) и многу други работи.

Иљменскиот резерват 


Извор: Press Photo.

Иљменскиот државен минералошки резерват е познат не само по исклучителната недопрена природа, туку и по феноменот „дупка без дно“. На падината во близина на градот Мијаса, покрај клисурата, во јами во кои напролет истекува водата од снегот што се топи, можат да се видат дупки со пречник од 15 сантиметри, чија длабочина не може да се измери. Уфолозите сметаат дека овие дупки се создаваат кога неидентификуваните летачки објекти од тлото извлекуваат ретки елементи со кои е богата територијата на резерватот.

Планината Таганај 


Извор: Lori Images / Legion Media

Еден од најживописните делови на Урал – царството на карпи и езера, планински тундри, непроодни тајги, силни потоци и камени реки. Оваа планина е дел од националниот парк во планинските вериги Таганај на Јужен Урал, кои се наоѓаат недалеку од североисточното предградие на градот Златоуст. Туристите секогаш ги предупредуваат дека на Таганај никако не треба да одат без искусен водич.

Велат дека тука можат да се видат НЛО, енергетски топки, „шетачка“ магла, привиденија од минатото или од иднината (хрономиражи), призраци, зачестени тркалезни молњи, светлосни столбови од непознато потекло, дека доаѓа до звучни халуцинации и до нагли промени на метеоролошките услови, а дека на особено оддалечените места дури може и да се сретне снежниот човек (јети) и килаимската баба (привидение кое им го покажува патот на оние што се изгубиле или најавува несреќа). Според легендата, во овие краишта може да се сретне и киштимското џуџе (суштество кое се среќава во околината на градот Киштим и кое се појавило по хаваријата во комбинатот за производство и преработка на нуклеарен материјал „Мајак“ во 1957 година). 

На планинскиот појас Урењга (еден од најдолгите на југот од Урал) и во селото Веселовка се забележани „класични гнездења на молњи“: тука често се појавуваат тркалезни молњи, топки од електрицитет кои секогаш удираат во исти места, се искривуваат при движењето и траат релативно долго. Овој феномен се создава на места со намален електричен отпор на тлото, што сведочи или за површински лежишта на метал или за постоење на подземни извори. 

За најтаинствена точка се смета Големото мовесто мочуриште со површина од 36 квадратни километри, кое се наоѓа во огромна депресија од тектонско потекло. Некои очевидци тврдат дека на ова место може да дојде до делумно губење на ориентацијата и промена на психолошката состојба, поради што можат да заталкаат дури и искусните чувари на шумата. Во овој крај на туристите често престануваат да им функционираат мобилните телефони и фотоапаратите. Поголемиот број феномени се објаснуваат со специфичностите на електромагнетните зрачења од бројните тектонски раседи.

Еленски потоци 


Фотографија: Сергеј и Елена Пешков

Илјадници туристи и жители на Урал го посетуваат природниот парк „Еленски потоци“ за да ѝ се восхитуваат на волшебната древна природа, на таинствените карпи и пештери, на светата река Серга и на уникатните билки кои се вбројуваат во заштитените природни видови. Паркот се наоѓа на 100 километри југозападно од Екатеринбург на реката Серга покрај станицата Бажуково. 

Еленските потоци не се само омилена маршрута за прошетки за време на викендите за жителите на Среден Урал, туку се и локација која е привлечна за уфолозите, кои во некои зони од паркот имаат откриено голем број аномални појави. Тоа се светлечки топки што излетуваат од вода, аномални дрвја, појава на НЛО, подвижни пламени, необични звучни појави, силуети на животни и предмети. Се случува на луѓето одеднаш да им се слоши и да добијат халуцинации, а фотоапаратите имаат забележано различни суштества и „плазмоиди“. Според мислењето на љубителите на паранормалното, особено голем број на необични и неразбирливи појави се бележи во оддалечениот дел од паркот кој се нарекува Миткини езера. Тие се наоѓаат веднаш зад Големата јама, која повеќе потсетува на место каде се урнала летачка чинија, одошто на природна творба.

Свердловскиот триаголник 

„Свердловскиот триаголник“ или „Берјозовскиот триаголник“ е пространа аномална зона во околината на Екатеринбург. Триаголникот се наоѓа меѓу Шарташкиот каменолом, на патот кон Ново-Свердловската термоелектрана и градот Берјозовски. Во центарот на триаголникот се наоѓаат тешкопроодни мочуришта, четинарски шуми и карпи. Уфолозите велат дека во овој триаголник во последниве 20 години редовно се случуваат различни необични појави: можат да се видат пламени што талкаат и летачки чинии (се претпоставува дека тоа се НЛО), а велат дека доаѓа и до прескокнување во времето. Директорот на локалниот музеј за уфологија вели дека еднаш на ова место за еден час пеш преминал 10 километри, иако обично за тоа му биле потребни најмалку два часа. Очевидците тврдат дека се сретнуваат со мистериозни настани: луѓето губат ориентација и лесно заталкуваат, наидуваат на патеки кои ги носат на едно исто место, а возачите ноќе гледаат силуети и привиденија што летаат над патот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња