Викенд во Казањ – „трета престолнина на Русија“

Казањ се нарекува трета престолнина на Русија. Извор: Слава Степанов / Gelio.

Казањ се нарекува трета престолнина на Русија. Извор: Слава Степанов / Gelio.

Старите туристички мапи се бескорисни за Казањ по неговата трансформација. „Руска реч“ им помага на македонските туристи да ја откријат оваа трета руска престолнина, започнувајќи од древните џамии и фантастичните готски згради, па до ресторанот „Мајаковски“ и лениновата алма матер.

Петок - калето, неоготиката, универзитетот во кој студирал Ленин и советски танци

Во 2005 година Казањ ја празнуваше 1000-годишнината и се почести себеси и стана вистинска туристичка престолнина на земјата. Казањската општина веднаш го запатентира брендот „Трета престолнина на Русија“ за симболични 40.000 рубли, и го зазеде почесното место зад Москва и Петербург. Изгледот на градот „пред“ и „по“ јубилејот е толку многу изменет, така што старите туристички мапи можете да ги исфрлите. Затоа сега новопрогласената трета престолнина може одново да се открива.

Петок

15.00

Казањското кале 

Маршрутата е најдобро да се започне од метро-станицата Кремљовскаја, која се наоѓа во непосредна близина на Казањското кале. Локалните жители велат дека метрото во градот е „создадено за оние што никаде не брзаат“ – само една линија и два воза, кои доаѓаат на станицата во интервал од 15 минути.


Прикажи поголема мапа

Со овој вид транспорт во Казањ се користат пред сè туристите – ентериерот на станиците по убавината не се ништо полоши од московските, а цената на билетот е 40 евро центи во еден правец. Во Казањското кале, кое е прогласено за објект на светското наследство од УНЕСКО во 2000 година, освен многубројните кули и собори, треба да се види џамијата Кул Шариф и „паѓачката“ кула Сјујумбике.

Според легендата, татарската принцеза се фрлила од најгорниот балкон на кулата откако по наредба на нејзиниот иден маж и освојувачот на Казањското Ханство Иван Грозни, ја подигнал за рекордни три недели. Кулата почнала да „паѓа“ со истата брзина како и нејзиниот аналог од Пиза.

17.00

Казањска неоготика

По калето треба да се види и зградата на Министерството за земјоделство (или „Дворец на земјоделците“ – ул. Федосеевскаја, бр. 36), која се наоѓа во негова близина. Се чини дека архитектот на оваа зграда се мрднал од умот: ваква фантазмагорија не постои на ниту едно друго место во Русија – грандиозен обем со колонади, куполи, грифони, барелјефи, огледални стакла и бетонско дрво во арката што се наоѓа во средината.

17.30

Универзитетот на Владимир Ленин

Зградата на Универзитетот во која студирал Владимир Ленин, се наоѓа во близина од „Домот на земјоделците“. Тука може да поседите покрај споменикот на водачот на пролетеријатот, да слушнат раскажувања за тоа како тој бегал од часови. Освен него, од часовите во Казањскиот универзитет бегал и писателот Лев Толстој и поетот Велимир Хлебников.

18.30

Вечера на улицата Бауман

На Бауманската улица можете да вечерате, тоа му доаѓа како вечера на московскиот Стар Арбат или на Рамбли во Барселона. Меѓу множеството кафулиња и ресторани вреди да се обрати внимание на „Домот на татарската кујна“) улица Бауман, или поевтината варијанта, ресторанот „Домот на чајот“ што се наоѓа наспроти (ул. Бауман, 64). Во двата локала ќе ви понудат традиционално тар-тар мелено сурово месо, губадију – свечена пита со говедско, и, секако чебуреки – пирошки кои се познати не само во цела Русија, туку и пошироко, а кои се наполнети со овчко или со телешко мелено месо. Во двата „дома“ менито е речиси идентично, единствена разлика е цената и, секако, ентериерот. Во „Домот на чајот“ вечера за двајца со десерт ќе ве чини до 10 евра, додека, пак, во „Домот на татарската кујна“ ќе треба да платите 30-50 евра.

21.00

Советски танци

Вечерта може да се заврши убаво со концерт во клуб-ресторанот „Мајаковски. Жолта блуза“ (ул. Мајаковски, 24а). Тука доаѓаат андерграунд и многу други познати групи од цела Русија, а називите на јадењата и на пијалаците се инспирирани од делата на советскиот поет Владимир Мајаковски, па така тука можете да нарачате „Пасијанс на Тетка Соња“, пијалаците „Облак во панталони“ и „Знамето на Татарстан“. Не се ни обидувајте да дознаете со што точно ве послужуваат – тоа е сосема бесполезно. Една вечер во „Мајаковски“ ќе ве чини 15-25 евра.

Сабота и недела - од нетуристичкиот Казањ до островскиот град

Сабота 

10.00 

Благо за појадок 

Одлично расположение во текот на целиот ден е загарантирано со појадок во кафулето „Лакомка“ (ул. Карл Маркс, 50). Порано тука се правеле ноќни редици за торти. Тајната за особено вкусните производи е вистинската руска печка. Своевремено сакале да ја заменат со современа професионална опрема, но навреме се премислиле. Ова е вистински рај за љубителите на доброто кафе и на слатки: татарскиот десерт чак-чак кој се топи во устата, претставува производ од тесто со мед, а исто така можете и да си земете торта и бисквити, кои ќе ве чинат 3-7 евра. 

11.00 

„Нетуристички“ Казањ 

Откако ќе излезете од кафулето, можете да прошетате според нетрадиционалната туристичка маршрута: улицата Карл Маркс – Бољшаја Краснаја улица – улицата Лев Толстој. Суворовското училиште, старите трговски куќи – дрвени и од црвена тула, според својата убавина воопшто не се зад туристичките „меки“ на градот. 

13.00 

Прошетка по кејот

Улицата Лев Толстој ќе ве одведе до кејот на реката Казанка, која по изградбата на акумулацијата се престори во широк басен со спокојни текови (средната ширина изнесува еден километар). Кејот започнува од плоштадот 1000-годишнината на Казањ – еден од најголемите плоштади на Русија. Панорамата на плоштадот со Калето, џамијата Кул-Шариф и футуристичката „летачка чинија“ на казањскиот циркус се сметаат за „визит-карта“ на градот. Среде реката се извишува најстариот Храм-споменик на паднатите воини, кои погинале на 2 октомври 1552 година при окупацијата на Казањ од страна на Иван Грозни. Тој бил изграден во 1811 година и се наоѓа на мало островче опкружено со вода. 

15.00 

Најстарата џамија во Татарстан 

Една станица со метро, од Кремљовската до Плоштадот Тукаја, треба да се мине за да се посети најстарата џамија Ал-Марџани (ул. Кајум Насири, 17). Гостољубиво ќе ве пречекаат и сосема бесплатно ќе ве поведат на мала екскурзија. Не заборавајте дека во џамија се влегува без обувки, затоа најдобро е чорапите да ви бидат во иста боја. Недалеку од неа има една населба која речиси целата е заселена со студенти-Турци, кои тука го учат Коранот за сметка на турската влада. Татарскиот и турскиот јазик тука се слушаат најмногу, за разлика од останатите делови на градот. 

16.00 

Сувенири од Казањ 

За да каснете нешто, да се напиете вкусен чај и за да купите сувенири, треба да отидете во галеријата „Ебивољ“, која се наоѓа недалеку на улицата Париска комуна, бр. 20. Ова е и галерија, каде може да се купат слики од казањски уметници, и кафуле, а исто така тука се наоѓа и работилницата „Алтин Ај“ кој е специјализирана за муслиманска и за татарска облека. Цената на овие подароци се движи од 20 евра за појас или за паричник до 100 и повеќе евра за целосна татарска носија. Доколку сте намислиле од Татарстан да купите сувенири за јадење, одете во некоја од многуте продавници од синџирот „Бахетле“, кои во градот ги има на секој агол. Во „Бахетле“ може да се купат вистински татарски производи, кои претставуваат дел од националната татарска кујна, а исто така и малечки сувенири за домот. Цените се малку повисоки одошто во обичните супермаркети, но затоа квалитетот одговара на нив. Кога сме тука, да потсетиме дека овие продавници ги има и во Москва. 

17.00 

Вечера на хиподром 

Можете да вечерате во ресторанот „Златна потковица“ која се наоѓа во склоп на казањскиот хиподром (ул. Патрис Лумба, 47а). Тој е толку популарен што најдобро е да резервирате маса однапред. Цената за вечера за двајца би била некаде околу 30 евра. Влезот во Казањскиот хиподром е бесплатен. Каде има коњи, има и необична услуга: на хиподромот можат да ви организираат прошетка низ градот со карета или со бел коњ за посебни веселби – на пример, за романтично предложување брак. 

20.00 

Стадионите на Казањ 

Додека Русија се подготвува за Олимпијадата во Сочи, Казањ се подготвува за Универзијадата 2013. “Третата престолнина“ се бори и за називот престолнина на младинскиот спорт. Влезот во кошаркарската сала, каде игра казањскиот тим „Уникс“, е бесплатен, за влез во Татнефт-Арената, каде домашните натпревари ги игра хокеарскиот тим „Ак Барс“, се наплаќа симболичен билет по цена од едно евро. Во стариот Леден дворец се одржуваат натпревари по уметничко лизгање, а покриени лизгалишта има во секоја населба. Еден час лизгање со изнајмување лизгалки чини само 3 евра.

Недела 

Недела е прекрасен ден за кратки патувања надвор од градот. „Руска реч“ ви предлага да го посетите Свијажск, уникатен островски град-манастир. 

Градот на островот 

Иван Грозни го основал Свијажск за да го освои Казањ – ова место станало стратешка точка за руската армија при покорувањето на Казањското Ханство. Сега Свијажск е село во кое се наоѓаат цели 4 манастири и мноштво православни цркви. Селото се наоѓа на остров кој е споен со брегот со насип, на кој се наоѓа автопат. Со тоа на островот може да се дојде како на автобус, така и со кој било вид речен транспорт од речното пристаниште на Казањ. Сепак, најдобро е да се отиде на екскурзија (на пример тука). Задолжително ќе ви раскажат за споменикот на жртвите од репресијата. За убиството на епископот Амвросиј од страна на советските болшевици и за легендарниот споменик на Јуда – „борецот со христијанството“, за кои некои велат дека бил издигнат по наредба на Владимир Ленин.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња