ОТУКЕН: Сибирска музичка група пее на јазици кои се на изумирање и го освојува светот

OTYKEN/Youtube.com
Како претставниците на народите во изумирање во Русија основаа група која му вдахна нов живот на етно-звукот и сега може да се слуша на забавите низ целиот свет.

Група староседелци од сибирската тајга минува преку замрзната река. Небото е покриено со облаци, ветрот дува сé посилно: се наближува бура. Тие вадат огромни тапани од санките и почнуваат да груваат.

„Одиш ли на исток?“, завива една девојка во живописна народна носија со црна коса до половината. „Тогаш биди внимателни“, предупредува таа. Потоа започнува тотален етно рокенрол: грлено пеење, придружено со синтисајзер, весело удирање на маракаси, ѕвечкање на дајре. Во кадарот се движи нешто како череп на големо животно... Да, тоа е коњ, без сомнение.

Вака започнува најгледаниот спот на групата ОТУКЕН (OTYKEN) за песната „Бура“. Се работи за етно ансамбл чии членови се староседелци на Сибир. За шест месеци видеото собра над 4 милиони прегледи на „Јутјуб“. Сега нивната музика се пушта на европски забави, а во 2022 година групата беше номинирана за наградата Греми со песната „Genesis“.

Но, дури и за Русија, OTYKEN е редок феномен. Кога ќе се каже „етно-група“, човек замислува жени во народни носии кои од сé срце пеат нешто од народниот фолклор, тапкајќи со нозете и повремено танцувајќи во оро. Човек не очекува млади уметници во носии со кратки здолништа, електрична гитара преку рамо и ритмички движења како на техно-рејв забави. Токму тоа е OTYKEN.

Групата настана на Северот на Русија, во Краснојарскиот крај. Основана е од директор на етнографски музеј Андреј Медонос во 2019 година. Нивниот стил е експериментален микс на различни жанрови (од рок и R&B до рап) со етнички мотиви и грлено пеење. Песните ги изведуваат на чулимски, хакаски и руски јазик. 

Сите членови на групата се претставници на домородните народи на Сибир: Чулмици, Кети и Сељкупи. Сите потекнуваат од мали села во далечната тајга, од место кое едвај го допрела цивилизацијата, каде што нема ни аптеки, ни кафулиња, па дури ни струја.

„Моето село живее од риболов. Ако си роден како момче, ќе бидеш рибар. Тоа можеби нема да го сакаш, но ќе го правиш“, вели солистката Азјан. Таа потекнува од чулимско село со 200 жители. Според едно толкување, Чулмиците се предци на туркиските народи, а според друго, на јапонскиот народ Аину и северноамериканските Индијанци.

„И мојот татко е рибар. Кога ќе се фати риба, треба веднаш да се јаде. Штом ќе се закотвите на брегот, треба да ја подготвите додека е жива, да ја исчистите и да ја јадете. Само така е можно“, се потсетува Азјан. Таа, како и другите членови на групата, во текот на летото ги напушта концертните турнеи и заминува во родните краишта, во тајгата, каде што до ден-денес луѓето живеат на традиционален начин: ловат риба, молзат крави, одгледуваат пчели. На „Јутјуб“ каналот на групата, заедно со нивните видеа и изведби, можете да најдете и видеа од селото за тоа како се собира медот од дива кошница, како се посолува и суши дивечт или како се слика на прополис.

Нивните музички спотови, исто така, се снимени на позадина на родните северни пејзажи. Името ОТУКЕН доаѓа од туркиските јазици и значи „свето место, каде војниците го спуштале оружјето и преговарале“.

Според Андреј Медонос, OTYKEN се стекнаа со популарност токму благодарение на странските туристи кои се чувствуваат блиски до сибирскиот етно-колорит. Особено туристите од Северна и Јужна Америка, Канада и Колумбија. Тие бараат културни паралели меѓу нивните народи и домородците на Сибир. Отпрвин OTYKEN звучеа поавтентично, но за да добијат поширока публика почнаа да експериментираат со нивниот звук. Нивните нумери се проширија низ TikTok и станаа тренд.

Носиите се исто така адаптирани: тоа не се оригинални носии, туку интересна мешавина на традиционални елементи и модерното време. Во спотовите тие често носат животински крзна, носии украсени со пердуви и традиционални орнаменти.

Кога станува збор за инструментите, тие се трудат да ги направат и нив „привлечни“. „Нашиот најнеобичен и најинтересен инструмент е моринхур [монголски гудачки инструмент] со череп од коњ. Имаме и други инструменти од коска: маракаси, рогови“, вели Цвета, која свири на варган.

Групата досега беше успешно претставена во јавност. Тоа беше забележано од западната публика (многу повеќе од руската). На пример, ремиксите на нивните песни ги свири Jaydee, холандски продуцент и диџеј кој соработува со Армин ван Бурен. „Со нас работат многу светски диџеи. Им ги испраќаме нашите песни и тие прават ремикси. Ги пуштаат на европски, американски, индиски фестивали, во дискотеки“, вели Андреј Медонос.

Сето ова придонесува за главната идеја на проектот: како што повеќе пати кажаа членовите на групата, тие се тука за етно-музиката и малите домородни народи да не исчезнат без трага. „Ја основавме групата за да го зачуваме овој фолклор. Почнува нова ера и чувствувам дека сето тоа ќе исчезне“, вели Чулимка Азјан. Според пописот од 2010 година, во Русија имало само 355 Чулимци. Само 44 од нив зборувале на изворен јазик.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња