Како да испечете „хушур“ - сибирски мали пити со месо во вид на круша (РЕЦЕПТ)

Олга Бровкина
Откријте ги вкусовите и историјата на „хушур“, мали пити од месо во вид на круша, специјалитет на Бурјатите од Сибир, кои го симболизираат сонцето.

Хушур, познато и како „месни круши“, е традиционално јадење на народот Бурјати, етничка група по потекло од регионот на Бајкалското Езеро во Сибир. Овие солени пити се прават од тесто полнето со мелено месо и кромид, а потоа се пржат до златно кафена боја во тава.

Потеклото на хушур може да се проследи уште во старо време кога на номадските овчари во Централна Азија им требал пренослив и обилен појадок за долги патувања. Овие пити ги подготвувале така што месото го завиткувале во тесто, го обликувале во облик на круша и ги пржеле во тава. Во Монголија слично јадење се подготвува во вид на мали „чебуреки“ во вид на полумесечина, а во Бурјатија во вид на круша.

Во бурјатската култура хушурот има посебно значење и често се подготвува за празници и прослави. Тој е симбол на сонцето и е поврзан со митологијата на Бурјатите, кои го почитуваат сонцето како извор на живот, топлина и светлина. Хушурот со форма на круша го претставува сонцето и неговите зраци.

Надвор од Бурјатија, во други региони на Русија, хушурот стана популарен во 1990-тите кога се зголеми интересот за кујната на домородните народи на Сибир. Денес, тие можат да се најдат на менито на многу ресторани и да се купат на пазарите низ Русија.

Хушур обично се прави од јагнешко месо, иако може да се користи и говедско или свинско месо, заедно со сирење или компири. Тестото се прави од брашно, вода и сол, а понекогаш се додава млеко или павлака за да биде помеко.

Подготовката на хушур бара одредена вештина, особено кога станува збор за формирање на тестото во вид на круша. Потребно е да се осигура дека филот е рамномерно распореден за да се спречи пукање на тестото при пржењето. Традиционално, питите хушур се подготвуваат во тава на отворен оган, што им дава зачаден и пикантен вкус. Меѓутоа, може да се печат и во рерна.

Хушурот може да се послужи како главно јадење, ужина или предјадење со павлака. Може да се комбинираат и со едноставна салата од краставици, домати и зачински билки.

Состојки за 9 питички: 

Фил:

  • Месо - 850 г
  • Кромид - 3 глави
  • Сол и бибер - по вкус
  • Брашно - 1 супена лажица 

Тесто:

  • Брашно - 350 г (две шолји)
  • Јајца - 2 големи или 3 мали
  • Вода - 100 мл (собна температура)
  • Сол по вкус
  • Сончогледово масло за пржење - 0,5 литри

Подготовка:

1. Прво да го подготвиме тестото. Во чинија сипете брашно, додајте сол, јајца, вода и замесете го тестото со раце.

2. По потреба додавајте брашно додека не добиете еластично тесто. Потоа замотајте го во фолија и ставете го да стои во фрижидер половина час.

3. Ајде сега да го направиме филот. Месото треба да се измие, исуши со хартиена крпа и ситно да се исечка.

4. Исечкајте го кромидот.

5. Во поголема чинија ставете ги месото и кромидот, посолете и збиберете по вкус, додајте малку брашно, па добро измешајте со раце.

6. Извадете го тестото и расукајте слој со дебелина 2-3 mm. Со чаша исечете кругови со пречник од околу 10 cm.

7. Потоа ставете го месото во средина, „соберете“ ги рабовите и стиснете ги на врвот за да не останат дупчиња. Би требало да добиете форма на круша.

8. Во подлабока тава или тенџере сипете доста сончогледово масло и добро загрејте го. Потопете ги питите во маслото и пржете додека не се создаде тенка танка златна кора. Главно е да не претерувате. Штом добијат златна боја – време е да ги извадите.

9. Ставете ги питите на платнена салфета, пуштете ги да ја впијат маснотијата, а потоа сервирајте ги.

Пријатен апетит!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња