Како да направите советска пица со богати додатоци (РЕЦЕПТ)

Legion Media
Првите советски пици не беа како традиционалните италијански. Повеќе личеа на дебели отворени пити со различни додатоци. И покрај сите карактеристични советски вкусови, многу луѓе и денес со носталгија се сеќаваат на таа специфична пица од минатото.

Италијанската пица е едно од јадењата кои советските готвачи ги адаптираа, а потоа ги преправија на свој начин. Нашата сакана советска пица беше дебела, сочна, со големина на мала чинија, со пилешко, печурки, пикантен кашкавал и сос од домати.

Првите пици се појавија во рестораните во Москва и другите големи градови непосредно пред Олимписките игри во 1980 година. На Советскиот Сојуз му беа потребни ресторани со модерна храна за која не беше срамота да им се понуди на странските гости.

Московјаните носталгично се сеќаваат на пицеријата со „италијански“ специјалитети и црвено-бели карирани чаршафи што беше отворена во центарот на градот на улицата „Горки“ (денес „Тверскаја“). Покрај пица и тестенини, овде се служеше и „Ламбруско“, пенливо вино кое не се продаваше на друго место.

Меѓутоа, многу советски граѓани не пробаа пица за прв пат во Москва, туку во одморалиштата на СССР: во Сочи, Јалта и Симферопол, особено во кафулињата во близина на плажите. Тие пици беа многу вкусни. Додатоците се состоеја од свежи домати, пилешко, многу печурки и пикантен кашкавал измешан со копар и магдонос. За таква пица секогаш се чекаше во долги редици.

Со текот на времето готвачите почнаа да експериментираат со додатоците. Правеа пица со шунка и јајце, со пилешко и печурки или со сурими стапчиња. Но, тоа повеќе личеше на отворена пита на дебело тесто.

Во текот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите советската пица стана најпродаваниот ручек во училишните мензи бидејќи беше вкусна, богата и сочна и имаше пристапна цена. Сигурно секој што живеел во СССР како дете се сеќава дека за време на паузата за ручек стоел во долга редица за да ја купи.

Иако во СССР немаше рекламен материјал за пица и доставата до дома не беше возможна како што е денес, сите знаеја што е тоа пица. Многу домаќинки го подготвуваа овој егзотичен специјалитет дома според сопствени рецепти во советски стил. А сега предлагам да се обидеме сами да ги направиме овие домашни пици.

Состојки за 4 пици:

За тестото:

  • Брашно – 250 г
  • Вода – 130 г
  • Јајце – 1 парче
  • Растително масло – 20 г
  • Квасец – 5 г
  • Шеќер – 1 лажица
  • Сол – ½ лажичка

Додатоци:

  • Печурки – 200 г
  • Пилешко филе (бело месо) – 200 г
  • Домат – 1 парче
  • Кашкавал – 150 г
  • Доматна паста – 50 г
  • Павлака – 50 г
  • Копар (по желба)

Подготовка:

1. Загрејте ја водата до температура 37-38 Целзиусови степени. Сипете ја во чинија, додадете шеќер и квасец. Измешајте и оставете 10 минути.

2. Во поголем сад истурете го просеаното брашно, додадете сол и јајце.

Постепено додавајте вода и квасец. Додадете сончогледово масло.

3. Замесете густо, малку лепливо тесто. Покријте го садот со самолеплива фолија или крпа и ставете го на топло место 1-2 часа.

4. Подгответе го сосот: измешајте ја доматната паста, павлаката, омилените зачини (босилек, сол, бибер).

5. Потоа подгответе ги додатоците. Пилешкото филе исечкајте го на ситни парчиња и пропржете го во тава со мала количина масло. Зачинете со сол и бибер, а можете да ги додадете и вашите омилени зачини.

6. Печурките измијте ги и ситно исечкајте ги.

7. Изрендајте го кашкавалот (јас користев моцарела сирење) и додајте го копарот (јас користев сув), а потоа измешајте.

8. Исечете го доматот на тенки парчиња.

9. За тоа време тестото ќе се зголеми во волумен два или три пати. Пред употреба, тестото добро измесете го и поделете го на еднакви парчиња. Моето семејство е мало, па четири пици со пречник од 18-20 см ќе бидат доволни за нас двајцата.

10. Расукајте парче тесто во прилично дебела тркалезна тортиља.

11. Префрлете го во плех и избоцкајте го со виљушка.

12. Обилно премачкајте го со сос од домати.

13. Распоредете ги печурките, потоа пилешкото, па доматот. 

Одозгора посипете со сирење и копар.

14. Загрејте ја рерната на 200 степени, ако користете електричен шпорет и печете во рерна изберете режим „горен и долен грејач“. Печете ја пицата 15 до 20 минути, додека кашкавалот не порумени и не се стопи.

15. Послужете ја готовата пица веднаш, додека е уште жешка. И уживајте!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња