Зинаида Жученко (родена Гернгрос) била легенда во круговите на тајната полиција на Руската империја од крајот на 19 век. Започнувајќи ја својата кариера како скромна домашна учителка, таа се претворила во еден од најозлогласените непријатели на руското револуционерно подземје, кодошејќи ги луѓето кои ја сметале за своја пријателка - но според нејзината етика, сето тоа било оправдано со добра цел - спасување на Русија од терористички напади кои револуционерите се обидуваа да ги извршат. Сепак, нејзината приказна не завршила толку добро.
„Мој драг пријателе! Се плашам само од едно: сулфурна киселина! Почнувам да мислам дека нема да ме убие. Иако е прилично тешко. Тие се сигурни дека сум опкружена со куп полиција. И „би било штета да се жртвува еден од добрите за провокатор“, мислам дека веруваат во тоа. Можеби сепак сè ќе се сведе на сулфурна киселина“, пишува Жученко, таен агент на царската полиција, чие засолниште било откриено, во писмото до својот поранешен шеф Михаил фон Котен во август 1909 година.
Зинаида Фјодоровна Жученко-Гернгрос
Јавен доменНеколку дена пред преписката, Зинаида Жученко, која била на активна должност од 1894 година, била разоткриена од „Шерлок Холмс на руската револуција“ - емигрантскиот новинар Владимир Бурцев. Темелен и немилосрден, Бурцев упаднал во куќа во Берлин, каде Жученко живеела со својот син и пријателот. Доказите биле непобитни. Тоа го истакнал вршителот на должноста државен советник Сергеј Коваленски, шеф на целата руска политичка истражна единица. По брзата оставка на функцијата директор на Одделението на полицијата, неговата кариера пропаднала и очигледно сметал дека е омаловажуван, што го натерало да изврши предавство, а потоа и самоубиство. Неговото сведочење го поддржал Леонид Меншиков, друг дезертер.
Бурцев, како искусен ловец на царски агенти, од средбата со Зинаида ги очекувал вообичаените солзи, отпор, хистерични молби и тврдења за невиност. Но, добил нешто сосема друго.
„Им зададе удар на моите најсвети идеали, според кои живеев целиот свој живот... Ти си неверојатна - мислам, мислам на тебе и толку многу сакам подобро да те разберам“, ѝ напишал на Зинаида Жученко по таа судбоносна средба. Во неа - жена со строг изглед, која изгледала сосема како учителка, стариот револуционер, волк самотник, тој видел противник што го сметаше за рамен на себе - нешто што никогаш претходно не му се случило. Згора на тоа, дури и службениците во истражната единица морале да се запрашаат дали некогаш имале задоволство да работат со толку надарен прикриен оперативец - оној кој не служел за пари или од страв или желба да им наштети на своите поранешни колеги. Жученко била единствена.
По дипломирањето на Институтот Смолни во 1893 година, 22-годишната Зинаида Гернгрос ги подучувала децата на еден полициски службеник; благодарение на тоа успеала да се спријатели со други важни луѓе во Министерството за внатрешни работи, вклучувајќи го и легендарниот детектив Сергеј Зубатов. Откако станала штитеничка на Зубатов, таа се инфилтрирала во тајна група предводена од студент по име Иван Распутин, а која планирала да го убие царот на церемонијата на неговото крунисување. Како резултат на тоа, плановите на групата биле осуетени. Уапсена во 1896 година, заедно со несреќните атентатори, Зинаида - сега таен агент - поминала една година во затвор пред да биде испратена на Кавказ. Таму, според неа, ја направила најголемата грешка во кариерата - се омажила. Се покажало дека нејзиниот сопруг бил насилен тип и таа побегнала во Германија со малиот син Николај.
Сергеј Зубатов
Јавен доменВо 1905 година од неа било побарано да се врати на должност. Првата руска револуција се разгорела и жестоката Жученко скокнала директно во огнот, на барикадите, не обѕирајќи се на својата безбедност.
Таму Жученко не била само оперативец на тајната полиција - таа станала пријател и лице од доверба на своите претпоставени офицери од жандармеријата. Шефовите на Одделението за безбедност на Москва Евгениј Климович и Михаил фон Котен го послушале нејзиниот совет, ја почитувале како личност и редовно ја угостувале во своите домови како ценет гостин. Зинаида се оддолжила за љубезноста со неуморна работа: меѓу другото, биле спречени двата најистакнати обиди за атентат. На почетокот на 1906 година, членовите на Социјалистичко-револуционерната партија одлучиле да се пресметаат со губернаторот на Минск Павел Курлов поради пукањето на антивладините демонстрации во Минск во октомври 1905 година. На крај тие фрлиле експлозив врз Курлов, погодувајќи го во главата, но немало детонација. Тоа е затоа што Жученко, која имала задача да ја достави бомбата во Минск, прво ја однела кај Фон Котен, кој го извлекол детонаторот.
Павел Курлов (1860-1923)
Јавен доменЕдна година подоцна, во февруари 1907 година, револуционерката Фрума Фрумкина одлучила да го убие градоначалникот на Москва Анатолиј Рејнбот и им рекла на своите сопартијци дека ќе изврши самоубиство доколку ѝ застанат на патот. Зинаида сфатила дека е невозможно да ѝ го промени мислењето на Фрумкина и ја подготвила за мисијата со шиење посебен џеб за револвер, а потоа помогнала Фрумкина да биде фатена на влезот во театарот Болшој, каде што го планирала нападот.
За да биде иронијата поголема, луѓето чии животи Зинаида ги спасила не може да се сметаат за примерни личности: Курлов се позиционирал како корумпиран подлизурко и доверлив вљубеник во сплетки, додека Рајнбот - кратко време по обидот за атентат - бил обвинет за кражба од благајната и други коруптивни дејствија.
И покрај нејзината витешка преданост на властите, како и изгледот на скромна учителка, Зинаида не била тип на „чедно девојче од соседството“: била зависна од морфиум и склона кон љубовни афери со револуционери, со посебен вкус за погруби мажи. Меѓутоа, сето она што ѝ го доверувале нејзините љубовници за време на нивните жешки љубовни сеанси, таа подготвено го пренесувала на тајната полиција.
Самите револуционери никогаш не дозволиле да се создаде трошка сомнеж во доверливоста на Зинаида Жученко. Значи, да не било предавството на нејзините поранешни колеги од полицијата Коваленски и Меншиков, таа веројатно ќе ја продолжела својата блескава кариера. Бурцев, гладен за секој ситен детаљ, ѝ ветил на Жученко дека ќе ја поштеди во замена за информации, но таа не само што одбила да ги предаде своите поранешни претпоставени, туку и се впуштила во долга дебата со својот обвинител. Таа активна преписка меѓу двајцата непомирливи противници траела неколку години. Целта на Зинаида Жученко била да ги уништи стереотипните ставови на револуционерите - како и на цели опозициски табори - за тајниот оперативец како саботер и корумпирано човечко суштество.
Сигурно е дека Зинаида Жученко, поранешен таен оперативец, успеала да избегне крвава одмазда, благодарение на својата идеолошка позиција, на која револуционерите не можеле, а да не се восхитуваат. Живеела тивко, осамена во Берлин од големата пензија што ја добивала од руската влада. Тоа траело до почетокот на Првата светска војна. Берлинската полиција, која во еден момент имала добри односи со царската полиција, била информирана за улогата на Зинаида и со почетокот на војната ја уапсила како потенцијален шпион и ја одвоила од нејзиниот 16-годишен син. Зинаида ги поминала наредните три години во женски затвор пред да биде префрлена во концентрациониот логор Хавелберг.
По пуштањето на слобода таа се соочила со нови предизвици: нејзиниот однос со синот Николај се влошил по затворот - тој не ги делел идеалите на својата мајка и често го посетувал домот на Бурцев. На крај Николај решил да оди кај татка си во Туркестан. Не е познато дали успеал да стигне до својата дестинација - револуцијата ја погоди Русија.
Откако ја добил раната вест за пучот во Санкт Петербург, Зубатов, саканиот пријател на Зинаида Фјодоровна Жученко, си го одзел животот. Неколку дена подоцна, бесна толпа во Хелсингфорс (денешен Хелсинки) практично го растргнала фон Котен. Меѓутоа, дури ни чувството за триумф на Бурцев поради победата на неговите револуционерни другари не траело долго. Со милоста на болшевиците тој се нашол во затворот во Петропавловската крепост (Петербург), каде што бил повремен гостин и за време на Николај II. Сега ги делел ќелиите со највисоките полициски службеници, од кои многумина набрзо биле егзекутирани.
Владимир Бурцев
Карл БулаБурцев успеал да се ослободи и да побегне во Париз, каде Жученко продолжила да му праќа писма со надеж дека ќе и помогне да го пронајде синот. Според информациите што ги имала тогаш, тој учествувал во руската граѓанска војна. Зинаида мислела дека е мртов. „Со еден збор, тешко е... Но, личната тага во целост е проголтана од тагата што ја чувствувам поради Русија“, пишува таа.
Руската армија подготвена да пука на револуционерите во Петербург 1917.
Јавен доменВо 1924 година Бурцев го добил последното писмо од својот „најголем непријател“. Жученко напишала дека нејзиниот син се вратил дома жив и здрав, додека таа самата продолжува да живее во Лиеж во Белгија, продавајќи билети за претстави. „Во меѓувреме, мојата мала мисија остана во историјата, оправдана со неа и... мојот однос спрема нејзините оценки – без разлика дали доаѓаат од непријателски или пријателски табор – е целосно мирен и објективен. Всушност, на нас Русите ни останува само да жалиме за неповратното, починато минато... Сегашноста, за нас двајцата - иако е нешто многу пријатно, е обоена со оваа тага“.
Судбината на Зинаида Жученко оттогаше е непозната, како и времето и местото на нејзината смрт - таа едноставно исчезнала.
Бурцев умрел во окупираниот Париз на 21 август 1942 година. Според неговата ќерка, Бурцев до своите последни денови продолжил да шета низ пустиот, исплашен град, загрижен, расправајќи се и обидувајќи се да им докаже на луѓето дека Русија ќе победи...“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче