Владеењето на династијата Романови започнала во крвави времиња. Едно тригодишно момче е погубено во 1614 година, само една година откако првиот Романов, Михаил Фјодорович, станал цар. Детето е познато како Иван Ворјонок („ворёнок“ што значи „мал крадец“) и бил син на Лажниот Дмитриј Втори и неговата жена, Полјачката Марина Мнишек. Зошто Романови направиле ваква страшна работа?
Марина Мнишек
Слободни извориМомчето било обесено зашто неговата мајка Марина Мнишек всушност била крунисана за царица во Москва во 1606 година, така што нејзиниот син имал определени, за волја на вистината не сосема јасни права на престолот. Романови ги негирале тврдењата и претпочитале да го убијат детето одошто да живеат под закана на уште еден мрачен период како што е Смутната доба (1598-1613).
Легендата вели дека Марина Мнишек кога дознала за страшната смрт на својот син полудела. Главата ја удирала од ѕидовите на ќелијата, пцуејќи и колнејќи. Таа рекла дека династијата што го започнала своето владеење со бесење на невино дете, ќе заврши како што започнала – со сурова смрт на децата.
Проклетството на Марина Мнишек повторно избило на површината во 1918 година кога светот дознал за стравотното погубување на семејството Романов во Екатеринбург и во Алпаевск. Сепак, сето тоа може да биде легенда создадена пост фактум, зашто не постојат сигурни факти за тоа каде и како умрела Марина Мнишек. Откако била затворена во 1614 година, за неа едноставно повеќе не се видело, ниту се чуло.
Евдокија Лопухина, првата жена на Петар Велики, насилно е потстрижена во монахиња во 1698 година. Претходно нејзиниот татко и двајцата чичковци се казнети поради учество во антидржавна завера. Петар нагло се свртел од својата жена, воспитана во согласност со строгата руска традиција, мајка на неговиот несреќен син Алексеј (1690-1718), кој имал само осум години кога бил оттргнат од мајка си и бил одведен во Суздаљско-Покровскиот манастир.
Евдокија Лопухина
Слободни извориЦарицата Евдокија наводно ѝ рекла на сестрата на нејзиниот сопруг, Марија Алексеевна, дека Санкт Петербург нема да опстане и дека ќе „биде празен“. Марија Алексеевна му ја пренела оваа информација на синот на Петар и на Евдокија, Алексеј, а тој тоа го признал и на испрашувањето во 1718 година. Но, и во самиот Санкт Петербург во 1722 година, припадниците на свештенството се осудени поради ширење гласови за истото пророштво. Во меѓувреме градот и понатаму е недопрен и полн со луѓе.
Василиј Василев, кој себеси се нарекувал монах Авељ, живеел во втората половина на 18 век. Се замонашил, но главно живеел како талкач, престојувајќи по пат во разни манастири. Во книгата со пророштва пронајдена во 1796 година во ќелијата на Авељ во Николо-Бабаевскиот манастир наводно пишувало дека царицата Екатерина Втора ќе починe за осум месеци.
Екатерина Втора, дело на сликарот Фјодор Рокотов
Слободни извориАвељ бил притворен и претскажувањето ѝ било пријавено на царицата. По испитувањето од страна на органите за државна безбедност, Авељ е испратен во тврдината Шлисељбург. Но, неговото пророштво се остварило кога Екатерина починала во ноември 1796 година и кога Павел Први станал цар. Авељ е пуштен лично по налог на Павел. Меѓутоа, набргу продолжил да ја предвидува иднината за пари и повторно е уапсен и прогонет. Во затвор и надвор од него, Авељ е конечно испратен во суздаљскиот Спасо-Ефимиев манастир каде починал во 1841 година, кога веќе имал над 80 години. Не е познато дали се оствариле некои други пророштва на Авељ, иако се ширеле гласови за нив уште долго по неговата смрт.
Григориј Распутин е убиен во декември 1916 година, помалку од три месеци пред династијата Романови да го заврши своето владеење. Дури по неговата смрт, Николај Втори дознал за писмото што му го испратил Распутин. Секретарот на Распутин Арон Симанович во своите мемоари има напишано дека ова писмо го содржи пророштвото:
„Цар на руската земја, кога ќе ги слушнете ѕвоната кои ве известуваат за смртта на Григориј, тогаш знајте: ако ме убиле атентатори, руски селани, браќа мои, тогаш вие, руски царе, нема од кого да се плашите. Останете на својот трон и владејте. Но, ако убиството го извршиле вашите роднини, тогаш никој од вашето семејство, односно децата и роднините, нема да живеат повеќе од две години. Рускиот народ ќе ги убие“.
Григориј Распутин
Hulton Archive/Getty ImagesАрон Симанович вели дека ѝ го дал писмото на царицата Александра, таа го прочитала, но му го покажала на Николај Втори дури по смртта на Распутин. Навистина, еден од роднините на Николај Втори, великиот кнез Дмитриј Павлович, учествувал во убиството на Распутин. Меѓутоа починал во 1942 година во Швајцарија. Николај Втори и неговите деца и роднини, пак, не живееле повеќе од две години – убиени се во 1918 година во Екатеринбург.
Важно е, меѓутоа, да се знае дека историчарите ги сметаат мемоарите на Симанович за несигурни извори и оваа приказна е веројатно измислена – во други извори не гледаме траги од писмото на Распутин и „пророштвото“.
Ова всушност не е ничие пророштво, ами едноставно е чудна коинциденција во историјата: владеењето на династијата Романови започнала во Ипатиевскиот манастир (Костормска област) во 1613 година, а последниот цар во династијата и неговото семејство се убиени во 1918 година во куќата на инженерот Ипатиев во Екатеринбург.
Куќата на инженерот Ипатиев во Екатеринбург, 1928 година.
Слободни извориИпатиевскиот манастир во Косторма го добил името по свети Ипатиј Гангријски. Во 1613 година тука живееле Михаил Романов и неговата мајка царицата Марта, заштитени од Смутната доба, а кога земскиот собор го избрал Михаил за нов цар, делегација од Москва дошла во Ипатиевскиот манастир. Таму во Троицкиот храм е извршена церемонијата на „повикување“ на Михаил на царството.
Троицки храм во Ипатиевскиот манастир
Слободни извориКуќата на Ипатиев во Екатеринбург го добила своето име зашто му припаѓала на Николај Ипатиев, воен офицер и инженер. Во 1918 година, кога болшевиците дошле на власт, му ја одзеле куќата на Ипатиев и таму го довеле Николај Втори, неговото семејство и слугите. На 17 јули 1918 година, царот и неговото семејство се погубени, а на 22 јули на Николај Ипатиев му биле вратени клучевите од куќата, но тој никогаш повеќе не живеел на ова место.
Иако манастирот и куќата не се поврзани на никаков начин, случајноста е очигледна. И, ако клетвата на Марина Мнишек некогаш постоела, на крајот и се остварила.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче