Руси кои спасиле Евреи од холокаустот

Галина Санько/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Тие не се бореа со оружје в рака. Нивното оружје беа храброста, благородноста и хуманизмот. Ризикувајќи ги своите животи и животите на своите семејства, тие криеја Евреи во своите домови за време на Втората светска војна. Еве пет такви случаи од Русија.

Пелагеја Григорјевна – втората мајка на Ефим Трубин

Ефим Трубин е роден 1938 година во Ленинград. Кога имал 4 години мајка му го испратила на летен распуст во селото Коконгово во Псковската област кај својата познаничка Пелагеја Григорјевна. Кога започнала Втората светска војна, родителите не можеле да дојдат по синот и Ефим останал во селото. Пелагеја му рекла на момчето да ја вика мајка за да го скрие своето еврејско потекло.

За три години Ефим толку се навикнал на Пелагеја што навистина ја сметал за своја мајка. Таа секојдневно си го ризикувала животот за да го спаси еврејското момче, го лечела и често му го давала последното парче леб.

Во март 1945 година родителите дошле да си го земат синот, но бидејќи не ги препознало, момчето одбило да се врати во Ленинград без Пелагеја Григорјевна. Таа се преселила кај нив и живеела таму повеќе од 14 години, а потоа се вратила во своето село.

Во 2001 година Пелагеја Григорјевна го доби одликувањето „Праведник меѓу народите“.

Екатерина Корољкова, која ја спаси Фрида Рабинович

Пред војната Екатерина Корољкова била медицинска сестра во болницата во селото Колмово кај Велики Новгород. За време на окупацијата болницата примала ранети војници и цивили. Еден ден жената наишла на рането 8-годишно девојче, ќерка на поранешна колешка. Мајката на девојчето по наредба на нацистите морала со другите Евреи да ја напушти населбата.

Иако вработените во болницата знаеле за еврејското потекло на Фрида, тие помагале во нејзиното лекување и го криеле девојчето од фашистите. Екатерина Корољкова ја однела дома и станала нејзина втора мајка. За време на претресите на нацистите таа го криела девојчето, а подоцна го крстила и ѝ дала ново име: Љуба Корољкова.

Во 1943 година болничкиот персонал бил префрлен во Литванија. Депортирано е и семејството на Екатерина Корољкова. Во август 1941 година фашистите го стрелале синот на Екатерина, а ќерка ѝ ја испратиле на принудна работа во Германија.

По завршувањето на војната еврејското девојче го пронашол и го одвел кај себе во Ленинград нејзиниот чичко. И покрај разделбата, Фрида одржувала врска со својата втора мајка до крајот на нејзиниот живот.

Во 1999 година Екатерина Корољкова го доби одликувањето „Праведник меѓу народите“.

Тамара Артемјева – дадилката која го спаси својот штитеник

Пред почетокот на Втората светска војна Тамара Артемјева живеела во Ленинград и била дадилка на тригодишното еврејско момче Марк Фелдман. Летото 1941 година семејството Фелдман (баба и момче) заедно со Тамара заминале на одмор во селото Загромотје (Псковска област), каде што живеело семејството на дадилката.

На 22 јуни, кога започнала војната, тие биле во селото, но бабата на момчето морала да се врати во градот. Решила да го остави внукот на тоа мирно место, бидејќи сметала дека селото е најбезбедно место за дете во текот на војната. Меѓутоа, нацистите стигнале и до нивното село.

Мештаните знаеле од која националност е Марк и затоа семејството Артемјев се плашело дека некој ќе ги пријави. Но, никој не ја открил тајната за детето. Пролетта 1944 година Марк се вратил дома кај мајка си и баба му.

1995 година Тамара Артемјевна, како и нејзините родители Василиј и Полина, го добија одликувањето „Праведник меѓу народите“.

Вера Бурјачок: мало семејство

Вера Бурјачок живеела во осаменост (нејзините роднини биле протерани во Сибир, а сопругот и синот ѝ починале) на салашот Незајмановски во Тимашевскиот реон.

Овој дел од земјата бил окупиран од фашистите во август 1942 година. Еднаш Вера слушнала за петгодишно еврејско момче кое било евакуирано од Ленинград кога останало без родителите. Извесно време Гена (вистинското име му било Хенрих) живеел кај соседите на Вера Бурјачок, но неговото ново семејство не се грижело доволно за него и момчето со денови талкало по улиците барајќи храна од луѓето. Вера решила да го прими Гена кај себе, сфаќајќи колкав ризик презема. Тие толку се врзале еден за друг што тој ѝ го заменил загинатиот син, а таа му ја заменила родената мајка.

По ослободувањето жената се обратила до властите сакајќи да го посвои детето, бидејќи мислела дека неговите родители се мртви. Но, во 1943 година, по долга потрага, на салашот пристигнала сестрата на Гена. Иако била врзана за момчето и осамена, Вера Бурјачок го пуштила да си оди, бидејќи го чекала неговата родена мајка, на која исто така тешко ѝ паднало да биде одвоена од синот.

Гена се вратил кај родителите, но секое лето со семејството ја посетувал својата втора мајка и ѝ помагал во домаќинството.

1997 година Вера Бурјачук го доби одликувањето „Праведник меѓу народите“.

Ина и Изабела: неразделни сестри

Кога почнала војната Изабела Дудина живеела во Ленинград, а подоцна била префрлена во Курск кај таткото. Практично веднаш влегоа во градот и нацистите.

Во 1941 година во куќата на семејството Дудин дошла една жена барајќи начин да ја спаси својата роднина која никој не сакал да ја сокрие. Таткото и маќеата на Изабела се согласиле да ја примат малата Ина, иако тоа било опасно. За време на војната нацистите ги фаќале не само возрасните Евреи, туку и децата, и затоа морале да се кријат. Следниот ден било одлучено Ина да се крсти и да добие ново име. Сега се викала Нина Ларина и стана сестра на Изабела.

За време на војната Ина неколку пати била носена во полиција, а со неа одела и нејзината сестра. Благодарение на упорниот труд, Изабела ја научила својата сестричка да зборува без акцент и да биде самоуверена за време на испрашувањето.

По војната таткото на Ина дошол во градот, барајќи го нејзиниот гроб. Бил неверојатно радосен кога дознал дека таа е жива и се наоѓа во семејството на Николај Дудин.

1997 година семејството Дудин го доби одликувањето „Праведник меѓу народите“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња