Ѕвезден час за Миг-23: Како кубанските мигови ги запреа офанзивните сили на ЈАР

Public domain / U.S. DefenseImagery
Еден од најсветлите моменти на примена на авионот МиГ-23 во неговата историја е пограничниот судир помеѓу Ангола и силите на Јужноафриканската Република. Првите авиони МиГ-23МЛ и Миг-23УБ со кои управуваа кубански пилоти-доброволци (интернационалисти) пристигнаа во 1985 година.

На почетокот нивниот број не беше голем, а задачата беше да се брани воздушниот простор над Луанда, додека подоцна со интензивирање на борбените дејствија се преместуваа на југот од земјата. МиГ-23 и кубанските пилоти одиграа голема улога, загосподарувајќи со небото на Намибија, додека со ударите по копнените цели одиграа голема улога во запирање на офанзивата на јужноафриканските сили.

По серијата тешки порази од значително подобро обучените сили на Јужноафриканската Република, раководството на Ангола побара помош од пријателската Куба. Кубанците од претходните операции се познати како меч на комунизмот на огнените точки каде СССР се судираше со Америка и со нејзините сателити. Ни овој пат помошта не изостана. Кубанскиот лидер Фидел Кастро вети помош и мошне брзо кубанските мигови се појавија на небото на Ангола. Задачата на кубанските пилоти беше со удари по земните цели да ја запре офанзивата на Јужноафриканската Република и да добие воздушна превласт.

Нивното деби започна во текот на големата битка кај Куто-Канавалео (1988). Експресно брзо со транспортни авиони ИЛ-62М од Хавана беше доставена првата ескадрила мигови под команда на полковникот Армандо Гонзалес. Првите летови ги извршуваа од аеродромот Менонге. Првата цел беше да се запре офанзивата на јужноафриканските сили.

Доколку јужноафриканските миражи имаа надмоќ над МиГ-21, сè се измени со испраќањето на Кубанците. МиГ-23 за неколку месеци дејствие го презеде небото над Намибија. Септември стана црн месец за авијацијата на ЈАР. Во неколку судири на небото над Намибија Кубанците успеаја да соборат повеќе авиони Мираж Ф1А3, по што воздушната надмоќ целосно премина во рацете на Кубанците. Еден таков случај се случи на 27 септември кога МиГ-23МЛ (пилот мајор Ривас) урна јужноафрикански Мираж со ракета Р-23. Во текот на сите воздушни боеви уште четири Миража беа оштетени, додека од другата страна не успеаја да соборат ниту еден МиГ-23. Пилотите на ЈАР добија инструкција да избегнуваат судири со Кубанците.

Паралелно со остварувањето на контрола на воздушниот простор започнаа и налетите на јужноафриканските единици. Меѓу првите цели беа транспортните колони. В. Бејли пишуваше „Миговите нè бомбардираат секој ден, фрлаат десетици бомби и ние не можеме ништо да направиме против тоа. За време на нападите ги напуштаме положбите и влегуваме во подготвените скривници, во нив остануваме сè дури Миговите не се вратат на своите аеродроми“.

Кубански МиГ-23

На тринаесетти јануари копнените сили на ЈАР преминаа во решавачка офанзива врз позициите на анголската армија. Офанзивата беше започната по дождливо време, со надеж дека тоа ќе ги одврати Кубанците од користење авијација. Покрај тоа непрекинато беше гранатирана базата Менонге со далекострелни хаубици Г-5 и Г-6. Меѓутоа, калкулациите се покажаа погрешни. Полковникот Трухиљо ги врати Миговите на базата и започна бомбардирање на непријателските позиции. За време на оваа мисија ескадрила со МиГ-23МЛ изврши 23 борбени лета и фрли на противникот 44 тони бомби и ракети. Како резултат на овие напади силите на ЈАР изгубија дваесет борбени возила, од кои 7 тешки тенкови „Олифант“. Тоа беше само почеток.

На шеснаесетти јануари во текот на извидувачки лет полковникот Трухиљо успеа да воочи еден „Олифант“ неколку километри југоисточно од Квито Канавалео. Следејќи го тенкот откри големи количества маскирана техника на силите „југ“. По шест часови по откриените цели 6 авиони МиГ-23 изврши тежок напад со бомби. Нападот беше неочекуван за противникот. По првите напади во воздух се крена столб оган, чад и пламен кој се гледаше на оддалеченост од неколку километри. Столбот од чад достигнуваше височина од 300 метри.

Критичен ден беше 14 февруари кога силите на ЈАР направија голем пробив во одбраната на силите на Ангола. Само интервенцијата на Кубанците и воздушната поддршка на Миговите овозможија ситуацијата на фронтот да се стабилизира. Кубанците изведоа 35 летови на критичните правци и во лет фрлаа бомби и со митралез ги гаѓаа офанзивните сили, давајќи на тој начин придонес. Ноќните напади на силите на ЈАР на 25 февруари исто така беа одбиени со помош на Мигови кои во текот на 52 налети фрлија 26 тони бомби.

Најопасното оружје на силите на ЈАР беа хаубиците Г-5 и Г-6 кои можеа да гаѓаат цели на оддалеченост од дури 60 километри. Полковникот Трухиљо на 16 февруари успеа да пронајде една хаубица Г-5 во близина на реката Чамбинга, по што следуваше масовно бомбардирање на подрачјето. Хаубицата беше уништена. По овој случај, според сеќавањата на јужноафриканските артилерци, артилериски дејствија станаа мошне ограничени и исклучиво кога на небото ги немаше кубанските Мигови.

За сето време на интензивните борби од јануари до март 1988 година кубанските мигови извршија 1.283 лета, од кои 722 со дејствување на цели на земјата. За време на офанзивните операции фрлени се 358 тони бомби и испукани се 4.000 ракети С-5. Кубанците тврдеа дека во овие напади се убиени над 700 војници на ЈАР и се уништени над 70 единици непријателска техника. Вкупно во текот на целиот ангажман Кубанците имаат изгубени 9 МиГ-23, но ниту еден не е соборен во воздушна борба. Ова беше најуспешното ангажирање на овој советски ловец-бомбардер

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња