5 од 10 европски најбрзорастечки градови се наоѓаат во Русија! Зошто е тоа така?

Сочи

Сочи

Getty Images
„Оставете сè и преселете се во Сибир!“ Звучи малку необично, нели? Меѓутоа, изгледа дека сè повеќе луѓе го прават токму тоа!

Пет руски градови се најдоа на европската ранг-листа на градови со најголем прираст на населението што го објави порталот Visual Capitalist на основа на податоците на UN, Европската Комисија и агенцијата Statista.

Исто така се наведува дека европските градови притоа и понатаму се зголемуваат значително побавно од азиските и од африканските. Сепак, извесен раст се бележи, а Русија се наоѓа на врвот на европската листа

Балашиха - 2,01% годишно

Балашиха

На првата позиција е Балашиха. Фактички тоа не е издвоен град, ами предградие на Москва источно од престолнината. Всушност станува збор за една голема станбена населба. Тука не само што ќе видите стари советски згради од бетонски панели, ами исто така и таканаречени „человејники“ или човечки мравјалници. Во 2012 година тука живееја околу 260.000 луѓе, но тогаш градот беше споен со соседниот Железнодорожни и популацијата стана половина милион. Осен тоа, интензивно се градат нови станбени населби и сè повеќе луѓе се доселуваат од сите краишта на земјата. Имено, нa овие места становите се поевтини одошто во Москва, а веќе постои и метро-станица која го поврзува градот со престолнината.

Тјумењ - 1,88% годишно

Тјумењ го зазема второто место на ранг-листата. Во овој сибирски град живеат над 816.000 луѓе и оваа бројка е во постојан пораст (во 2011 година градот имаше 600.000 жители). Луѓето се доселуваат пред сè во потрага по работа, зашто голем број нафтени и гасни компании имаат свое седиште и канцеларии во овој град. Поголемиот број доселеници доаѓаат од малите северни градови.

Всушност, Тјумењ спаѓа меѓу најудобните градови за живеење во Русија, што го потврдуваат бројни истражувања на оваа тема, земајќи ги предвид приходите и трошоците на населението на градот, квалитетот на урбаното опкружување и климата. Во 2021 година Тјумењ се најде на третото место според сиве овие параметри.

Сочи - 1,33%

Сочи

Туристичкиот град Сочи на брегот на Црното море има над 430.000 жители и го зазема петтото место на ранг-листата на нaјбрзорастечките градови во Европа. Во Русија Сочи е еден од најпопуларните градови за доселување. Ова е еден oд најтоплите градови во земјата со пријатна клима и со топли зими. Затоа луѓето често се доселуваат во него од Далечниот Север и од Сибир, не само за работа, ами и за живот во пензија.

„За мене климата е приоритет. По Курган (на Урал), каде и зимата и летото можат да бидат студени и облачни, во Сочи едноставно уживам во животот секој ден!“, пишува Арина.

Краснодар - 1,22%

Краснодар, престолнината на Краснодарскиот крај, во кој се наоѓаат црноморските летувалишта (Сочи, Анапа, Туапсе, Геленџик) се наоѓа на 9 место на европската ранг-листа на брзорастечки градови. Во 2012 година имаше околу 700.000 жители, додека денес има речиси еден милион!

Градот не се наоѓа на морскиот брег, но сепак има одлична клима и топли зими. Позициониран е мошне добро. Потребни ви се само 2-3 часа за да стасате до Црното или до Азовското море, или 5 часа возење со автомобил до скијачкиот центар во планините. Меѓутоа, голем проблем во градот претставуваат огромните сообраќајни метежи. Има околу 450.000 приватни возила, а во текот на летната сезона овој број е уште поголем.

„Има неколку театри и ресторани со добра кујна, но тука се чувствувам како секој ден да сум на одмор“, вели Елена која се доселила од Санкт Петербург. „Како да сум дошла кај баба ми, во текот на цела година одам во шорцеви, берам кајсии и цреши во дворот и уживам во животот“.

Сургут - 1,17%

Сургут

Сургут, уште еден нафтен и гасен центар на Русија, е петти и последен руски град на топ-листата на најбрзорастечките европски градови. Само 400.000 луѓе живеат во овој град, но тој е меѓу трите града со најголем БДП во земјата (по Москва и Санкт Петербург), а се наоѓа на четвртото место според заработката.

Сургут исто така го зазеде второто место на ранг-листата на најудобни градови во Русија во 2021 година. Најголема мана на Сургут е, секако, неговата сурова северна клима.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња