Пет интересни факти за руската азбука

Кира Лисицкаја (Photo: Нина Свиридова/Sputnik; Јавен домен)
Како Петар I ја „преоблече“ руската азбука? Како буквата „Я“ се најде на крајот од азбуката, а кирилицата за малку ќе беше претворена во латиница? Прочитајте повеќе за сето тоа во нашиот текст.

1. Денешната верзија на азбуката е стара само 81 година

Руската азбука каква што ја знаеме денес постои од 1942 година. Тогаш беше официјално донесена одлика буквата „ë“ (се изговара „jo“) да не се третира како варијација на буквата „е“ („је“), но нејзината употреба сепак набрзо повторно стана опционална. На законодавно ниво е пропишано дека буквата „ë“ задолжително мора да се користи само во официјалните документи.

2. Цифрите во староруската азбука се означувале со букви

Пред реформата на Петар I на почетокот на XVIII век, староруската азбука се користела не само за букви, туку и за означување на броеви. Тие се разликувале од обичните букви со титла - дијакритички симбол во вид на превртена латинична Z над соодветната буква.

3. Петар I је „преоблече“ азбуката во европски костум

Руското граѓанско писмо, 1707.

За време на владеењето на Петар I интензивно се развивале науката и образованието, што подразбирало потреба од печатење на голем број книги. Ова е причината зошто императорот во 1708 година ја спровел првата реформа на руското писмо. Тогаш биле отстранети излишните украсни елементи на буквите, нивниот дизајн бил осмислен да биде поблизок до латиницата, а некои букви биле укинати („кси“, „омега“ и „пси“). Така се појавило граѓанското писмо кое се викало и „амстердам“, бидејќи буквите за него биле лиени во Амстердам.

Оттогаш световните книги се печатат со нови букви (додека богослужбените книги го задржале стариот изглед). Тогаш се преминало и на арапски цифри, на кои сме толку навикнати денес.

4. Најголемите измени ги внесоа болшевиците

Последната битна реформа на руското писмо е извршена во 1918 година. Тогаш „Я“ стана последната буква од азбуката, бидејќи буквите „Ѳ“ (тета) и „Ѵ“ (ижица), како и „І“ (десетерично „И“) беа укинати.

Реформата беше подготвувана од 1904 година и не се однесуваше само на изгледот на буквите, туку и на правописот. На пример, се пропиша наместо буквата „јат“ (ѣ) во зборовите „онѣ“, „однѣ“ да се пишува буквата „И“: „они “, „одни“. Тврдиот знак беше задржан само помеѓу префиксот што завршува на согласка и коренот што започнува со фонемата „Ј“, додека на крајот од зборот беше укинат. Дури тогаш се воведе правилото за пишување на „С“ пред безвучна и „З“ пред звучна согласка.

5. Кирилицата можеше да биде претворена во латиница

А. В. Луначарски се занимава со агитација меѓу работниците и војниците.

Идејата за трансформирање на кирилицата во латиница ја поддржуваше народниот комесар за просвета Анатолиј Луначарски, бидејќи сметаше дека руското писмо е „сопственост на царска Русија“.

На овој проект од 1929 година работеше лингвистот Николај Јаковлев. Тој раководеше и со создавањето на посебно писмо за народите од СССР кои немаа писменост, како и со латинизација на писмата на муслиманските народи. На крајот, оваа идеја беше напуштена бидејќи Сталин беше заинтересиран за интензивно ширење на рускиот јазик.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња