Зошто треба да го прочитате романот „Бризбејн“ на Евгениј Водолазкин?

Sergei Karpukhin/TASS; Plough Publishing House, 2022
Во овој храбар нов свет соништата често остануваат соништа и не се реализираат. Меѓутоа, секој треба да ја најде смислата на животот и покрај околностите, а во тоа може да му помогне оваа книга.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон!  Cо „Телеграм“ сме секогаш со вас! 

„Кога зборовите стивнуваат, музиката почнува.“ Овој афоризам, кој им се припишува на многу познати личности (но најверојатно го напишал Хајнрих Хајне) совршено го опишува романот „Бризбејн“. Еден од најпопуларните руски писатели веќе стекна репутација на Запад со неговите неколку претходни дела преведени на многу јазици.

Секој роман на Водолазкин во Русија е голем настан

Евгениј Водолазкин е филолог и стручњак за староруска книжевност, студент на советскиот академик Дмитриј Лихачов. По долгогодишно истражување на рускиот Среден век, особено средновековната книжевност и хрониките, Водолазкин влезе на голема врата во руската литература со неговиот роман „Лавр“. Станува збор за приказна за средновековен јуродив („луд Христа ради“), кој на својот автор му го заработи прекарот „рускиот Умберто Еко“.

Во романот „Соловјов и Ларионов“, студент го истражува животот на генералот Ларионов, белогардејски офицер од руската Граѓанска војна. Соловјов оди на Крим за да присуствува на конференција посветена на животот на Ларионов и на необичен, но интересен начин нивните судбини се испреплетуваат...

Уште едно извонредно дело, романот Авијатичарот, е постмодернистичка приказна за затвореник од советски Гулаг кој бил замрзнат во рамките на еден експеримент, а потоа вратен во живот во 1990-тите. Како ќе реагира на новата реалност во родниот град каде сè му е непознато, па дури и мирисите?

Потресен заплет

Главниот лик на романот „Бризбејн“ Глеб Јановски е познат виртуоз на гитара. На врвот на кариерата ја губи способноста да свири поради Паркинсонова болест. Сфаќајќи дека наскоро нема да може повеќе да настапува, се обидува да се сети на својот живот и да ги зачува спомените кои наскоро би можеле да избледат.

Драгите спомени на советска Украина и неговата баба, детството во Киев, младоста и студиите во Ленинград, животот во студентски дом, средбата со саканата жена и губењето на чувството на голема татковина по распадот на Советскиот Сојуз... Кога ќе се најде во Германија, Глеб се потсетува на најубавите моменти во животот. Изгледа дека бил секаде, освен можеби во Бризбејн во Австралија, каде што некогаш сонувал да отпатува.

„Романот секако нема никаква врска со градот Бризбејн“, вели Евгениј Водолазкин. „Бризбејн е симбол на заминувањето на другата страна на земјината топка, цел направена од соништа, од напори, која е, се разбира, недостижна“.

Бидејќи е на средовечна возраст, Глеб мора да признае дека сè што било претходно исчезнало и да научи да продолжи понатаму, наоѓајќи нова смисла во животот...

Филозофски став за времето и смислата на животот

На некој начин, секој роман на Водолазкин е за времето. „Бризбејн“ покажува дека времето всушност не постои, туку дека она што постои е моментот на сегашноста што треба да се проживее во целост. Што може сега да пронајде виртуозот на гитара? Глеб немал деца, а сега, откако ќе се разболи, ненадејно го запознава талентираното 13-годишно девојче Вера. Таа е пијанистка... и има рак.

Длабоко посветени на музиката, тие двајца почнуваат да свират заедно. Стануваат многу блиски поради нивните болести и во музиката гледаат засолниште додека се приближуваат до крајот на својот живот. Планираат заедно да го одржат последниот концерт...

Воодушевени од романот, критичарите го нарекоа најмузикалната книга на руската книжевност. Магијата на талентот на Водолазкин се случува на ниво на идеи и заплети, но и на ниво на зборови и звуци.

 

 

 

 

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња