12 руски поговорки за парите

Breaking bad (2008 – 2013) / Sony Pictures Television
Во Русија се многу популарни меѓународните афоризми како што се „Парите не мирисаат“ или „Времето е пари“. Меѓутоа, во рускиот фолклор настанала цела низа оригинални поговорки и изреки за парите, богаташите и сиромасите, скржавоста и великодушноста. Ова е само мал дел од таа ризница.

Копејката ја чува рубљата

Копејката е стоти дел од рубљата, т.е. исклучително мала единица за која дури и во старо време можеле малку нешта да се купат. Меѓутоа, народната мудрост вели дека не треба да се занемари. Ако штедите копејка по копејка, на крај ќе соберете рубља, а потоа и повеќе од тоа. На оваа тема постои уште една поговорка: „Блиската копејка (т.е. сопствената копејка) е повредна од далечната рубља (т.е. туѓата рубља)“.

Подобро сто пријатели отколку сто рубли

Народот многу добро знаел дека со пари може да се купат многу нешта. Меѓутоа, човечките квалитети се ценеле повеќе од парите, и секако, врските кои се повредни од парите. Сепак, има уште една поговорка: „За пари и ѓаволот ќе игра“ во смисла дека парите решаваат сé. Што е контрадикторно како и самиот живот.

Среќата не е во парите

Сите генијални нешта се едноставни! Оној што ги згазил другите луѓе трчајќи по пари и ги изгубил сите свои пријатели, нема да биде среќен. А среќата не може да се купи за никакви пари. Тоа го докажува уште една поговорка: „Со пари драг, без пари враг “.

Да не го цениш ни колку што вреди грошот

Грошот бил паричка од две копејки во Стара Русија. Во секојдневниот говор грош биле нарекувани сите парички и парите воопшто. Има голем број поговорки со овој збор. Да не го цените некого ни колку што вреди грошот значи да го потценувате, дека не го почитувате.

Не вреди ни скршен грош

Најчесто оваа фраза ја кажувале на пазар, ценкајќи се со продавачот и тврдејќи дека некоја стока не вреди ниту скршена пара. Денес оваа фраза добила метафорично значење за нешто што нема никаква вредност.

Не вреди ни грош, а изгледа како рубља

Така се вели за многу вообразен човек, кој не претставува ништо, а се однесува премногу надмено. Таквите луѓе никогаш не биле сакани меѓу народот.

Долгот е добар кога ќе се врати

Во Русија поимот на честа бил многу строг и долговите задолжително морале да се вратат, независно колку големи биле. Така што Русите, како и Ланистерите од „Играта на тронови“, секогаш ги враќаат долговите.  

Договорот е повреден од пари

Уште една поговорка за честа и чесноста. Ако сте се договориле за нешто, дури и само усно, треба задолжително да ги почитувате условите на договорот.

Кој има памет, ќе има и рубља

Тука дури и ништо не треба да се објаснува. Иако тоа е повторно филозофско прашање. А дали на паметниот човек му требаат парите? Затоа што други поговорки велат дека „Без пари подобро се спие“ и „Повеќе пари, повеќе проблеми“. Што мислите?

Дружба си е едно, а парите си се друго 

По прашањето на парите мнозинството Руси се многу деликатни. Не сакаат да им позајмуваат на пријатели и советуваат дека да не се земаат пари на заем од пријатели. А тоа е затоа што ако некој сепак не го врати долгот, така ќе покаже непочитување и ќе го навреди пријателот. Како и секогаш: долгот е добар кога ќе се врати!  

Скржавиот двапати плаќа

Оваа животна мудрост е проверена преку искуството на многу генерации! Подобро е да заштедите и да купите нешто квалитетно отколку да купите евтино нешто кое брзо ќе се расипе... Генерално, не треба да ги жалите парите за добро дело. Оваа поговорка често ја користи и Владимир Путин.

Парите не се печурки – може да се најдат и зиме

Оваа поговорка можеле да ја смислат само Русите. Печурките навистина се берат само кон крајот на летото, на почетокот на есента, нивната сезона не е долга. Додека пари секогаш може да се заработат, така што може да се каже дека ова е мотивациски повик за акција во староруски стил.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња