Црквата на Црвениот плоштад е изградена во периодот 1555-1561 година по наредба на царот Иван Грозни во чест на победата над Казањското ханство, извојувана во денот на Покровот на Богородица.
Црквата е наречена Собор на Покровот на Богородица на Ровот, зашто до 1813 година Кремљ кон Црвениот плоштад имал одбранбен ров.
4 од 8 параклиси на храмот се крстени по црковните празници, кои означиле клучни настани за време на Казањскиот поход. Петтиот е наречен во чест на Св. Троица - според една од верзиите во средниот век тука се наоѓала Троицката црква.
Според една од верзиите храмот го симболизира Небесниот Ерусалим или со други зборови - Царството Божјо, чии ѕидови се украсени со скапоцени камења. Според друга архитектите се обиделе да го рекреираат Цариградскиот Влахернски храм, во кој се случило чудото на Покров - тогаш пред насобраните кои се молеле за заштита од војските на Сарацените се јавила Богородица и го покрила со покровот целиот христијански свет.
Lori / Legion-Media
Врз темелите на идниот храм првично една по друга биле изградени девет мали цркви, обединети со галерии и премини. Интересно е дека во 16 век подземниот дел на конструкцијата се користел како складиште за царската благајна и за заштедите на богатите жители на градот. Надворешниот дел на соборот бил направен од тули.
Секоја епоха оставала свои траги врз архитектонскиот изглед на соборот. По пожарот во 1595 година црквата добила куполи. Тие стануваат разнобојни дури во 18 век. На крајот на 17 век се појавува фриз кој ја опкружува зградата и ја опишува историјата на храмот. Тој преживува до крајот на 18 век. Во 1817 година за време на поправка на Црвениот плоштад архитектот Осип Бове ги зајакнува потпорни ѕидови на соборот со камења и става лиено железна ограда.
Второто име на споменикот - Собор на Василиј Блажени - не е случајно. Московскиот јуродив Василиј поседувал дарба да предвидува и го претскажал пожарот во 1547 година, во кој била уништена речиси една третина од Москва. Речиси целиот свој живот тој поминал во скудност - одел без облека и чевли, па дури и во најстудените денови, немал дом. Кога починал, бил опеан од митрополитот Макариј, а на гробот го однел самиот Иван Грозни со своите бојари.
По канонизација на Василиј во 1588 година до соборот била доградена десетта црква, каде се пренесени неговите мошти и целиот ансамбл го добил називот „блажени“.Lori / Legion-Media
Постојат неколку верзии кои се основачите на архитектонскиот ансамбл. Најпозната онаа според која соборот е дизајниран од мајсторите Барма и Постник. Според легендата Иван Грозни наредил да бидат ослепени архитектите, кои направиле толку прекрасен храм, за да не може да ја повторат сопствената идеја и да не ја надминат. Тоа, сепак, е само мит: подоцна Постник го гради Благовештенскиот собор, како и ѕидовите и кулите на Казањскиот Кремљ.
Постои и друга верзија: Покровскиот собор можеби е изграден од италијански мајстор кој работел во Московскиот Kремљ.
Соборот се наоѓа во срцето на Москва и не еднаш бил изложен на опасности. Во 1812 година, кога француската војска ја напуштала Москва, тие сакале да стават експлозив на храмот Василиј Блажени, но не успеале. На крајот на дваесеттите години од минатиот век било одлучено храмот да биде урнат: „култен објект“ во самиот центар на градот пречи на младата советска власт. Во негова одбрана застанува архитектот и реставратор Пјотр Барановски - тој дури и му испраќа телеграма на Сталин. Така Покровскиот собор не бил урнат, но неговите бранителите биле репресирани поради антисоветска активност.
Камбанаријата на соборот работи и до денес, но од целата разновидност од ѕвона од моментот на неговата изградба во 16 век до денес останала само една. Во 1929 година советската власт почнала да ги топи бронзените ѕвона и како што раскажува ѕвонарот Алексеј Коновалов, по некое чудо е останата една: „Таа и до денес ги носи звуците на 16 век“.
Покровскиот храм е еден од првите храмови што ги има узурпирано младата советска држава. Во 1923 година тука е отворен Историскиот музеј на архитектурата, а во 1929 година тој станува филијала на Државниот историски музеј. Во почетокот на деведесеттите години од минатиот век во храмот повторно почнуваат да се одржуваат црковни служби, вклучително и во параклисот Василиј Блажени. Во 1990 година соборот е вклучен во Листата на светското наследство на УНЕСКО.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче